ВИДЕО – Цветковски: Култот кон Свети Климент не постои во Бугарија, дури ни во процесот на бугаризација нема негови портрети


Шеста година по ред во Демир Хисар се одржува Летната демирхисарска школа, чии покровители се манастирот Свети Јован Претеча, Општината и Министерството за култура. Еминентни стручњаци од областа на археологијата, архитектурата, теологијата, историјата и историјата на уметност одржуваат свои предавања и истражувања. Годинава раководителот на школата, проф. д-р Сашо Цветковски, презентираше дел од портретите на Свети Климент кои МАНУ ги сместила во книгата „100 портрети на Свети Климент“, кои се собирале не само од Македонија туку и од околните држави, Албанија, Грција, Србија. Според тие портрети Цветкоски вели дека може да се каже дека култот кон Свети Климент воопшто го нема во Бугарија, а денешниот обид за негова бугаризација е смешен.

„Ако немате средновековни портрети во Бугарија не можеме да говориме за тоа дека култот кон Свети Климент таму бил прифатен. Дури таму не ни пробил. До средината на 19 век ние немаме портрети на Свети Климент сликани во некои споменици кои сега се во рамките бугарската држава. Но и тие што се сликани таму не се сликани автентично, во смисла на израз на некоја автохтона, онака исконска предаденост кон култот и култот да бил сраснат и прифатен од таа средина. Тогаш сите овие актуелни работи изгледаат бесмислени“, истакна проф. д-р Сашо Цветковски, раководител на летната демирхисарска школа.

Според Цветкоски дури и во периодот на бугаризација на одредени светители и историски личности, што се случувало после 40-тите години на 19 век, дури ни тогаш во Бугарија нема портрети на Свети Климент и Свети Наум.

„На светители, на култови, на личности кои не се поврзани со бугарската историја, на таков начин се присвојуваат. Ние имаме текстови од бугарски колеги кои под тие наслови тоа го кажуваат, бугаризација на култовите, бугаризација на личностите, што значи дека ова е еден процес кој е апсолутно поттикнат од некои сосема други романтичарски погледи на историјата, на историографијата, но тоа е далеку од вистината. И во тој процес на бугаризација ние немаме портрети на Свети Климент и Свети Наум. Значи тоа тоа е една средина која никогашне ги чувствувала за свои“, додаде Цветковски.

Годинава школата е и во знакот на 1.130 години од ракополагањето на Свети Климент во Епископ и исто толку од доаѓањето на Свети Наум и започнувањето на монаштвото во Македонија, што е доказ дека дека тука имало монаштво неколку децении пред неговата појава на Света Гора.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи