Од утре температури до 39 степени – експертите со препораки

Од утре подрачјето на целата држава ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса од југ, односно температурите ќе се движат во интервал од 35 до 39 степени.

Значителен пораст на температурите се очекува четврток и петок, кога постои можност целата територија на државата да биде зафатена со температури од портокалова фаза, за што Министерството за здравство во континуитет ќе информира со соодветни препораки за заштита од топлото време.

Граѓаните од целата држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури:

  • Да се избегнува, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10 до 17 часот, а неопходните работи граѓаните да ги завршуваат пред 10 или после 17 часот.
  • Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности, да се седи во затворени климатизирани простории, со затворени прозорци и ролетни во текот на денот. Прозорците да се отвараат навечер кога температурата е пониска.
  • При неопходен престој на отворен простор, да се избегнува директна изложеност на сонце, со почести одмори под сенка.
  • Кога станува збор за облеката, да се носи светла и лесна облека, најчесто од природни такенини (памучни, ленени), да се стават заштитни очила и капа.
  • Препорачливо е внесување големо количество течности, најдобро вода, може и минерализирани безалкохолни пијалоци, додека да се избегнува консумација алкохолни и пијалоци што содржат кофеин, како и екстремно студени пијалоци.
  • За време на екстремно високи температури да се внесува помало количество храна, таа да не биде мрсна и високо-калорична храна, да се избегнува и храна што содржи поголемо количество шеќер. Кога станува збор за храната, задолжително миење пред употреба на свеж зеленчук и овошје. Термички подготвената храна да се конзумира веднаш после подготовката. Остатоците да се стават во ладилник на температура до осум степени Целзусови. Истовремено да се избегнуваат производи што не се термички обработени (домашен мајонез, сладолед, разни кремови).
  • Добро е туширање со студена вода повеќе пати во денот, може и ставање студени облоги и држење на нозете во студена вода.
  • За оние што се во возило се препорачува оставен отворен прозорец, за да се овозможи вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото.
  • Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор.

Препорачкиви се консултации со лекар доколку се почуствуваат невообичаени симптоми што траат подолго време.

  • Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо, и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате. Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час, се посочува во препораките.
  • Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате, има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш да се повика Службата за итна медицинска помош на телефонскиот број 194.
  • Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облози на вратот, пазувите и слабините и постојано прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бесознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи