„Звукот на старата крушевска чаршија“ беше настанот кој синоќа се одржа во центарот на Крушево, а на кој локални бендови изведуваа староградска музика, а целата атмосфера беше надополнета со дегустација на автентични специјалитети од крушевските жени. Идејата на настанот, во овие пред илинденски денови, кога Крушево и Македонија одбележуваат 120 години од подигнувањето на Востанието, била граѓаните да се потсетат како изгледале седенките, празнувањата на имендените и другите прослави во овој град во минатото.
„На еден интересен начин дојдовме до идеја да организираме настан „Звукот на старата крушевска чаршија“. Настанот е во прекрасен амбиент, крушевски специјалитети и ќе направиме дружба помеѓу нашите сограѓани и секако туристите“, истакна Јасмина Димоска, Општина Крушево.
„Централното градско подрачје, точно пред Столбот на Републиката каде заедно изложуваме стара традиционална храна, крушевска автентична, како што се живеело пред Илинденското востание со пеење, забава, соживот и се она што значи Крушево“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Дел од гостите кои беа присутни на оваа манифестација беа восхитени од целиот амбиент во кој можеа да уживаат.
„Дојдени сме тука на одмор, многу е убаво. Сум поминувал досега низ Крушево само протоколарно, а сега специјално дојдов за овие Илинденски денови да бидам тука“, вели еден посетител од Скопје.
„Прв пат доаѓам во Крушево и сум воодушевена. Местово премногу ми се допаѓа, интересна ми е градбата, местоположбата, премногу сум задоволна, не очекував вакво нешто“, додаде друга посетителка.
Старите крушевчани пак се потсетија на едно минатото време кое сега е малклу подзаборавено.
„Тоа е една промоција на културата на Крушево како старите крушевчани се дружеле“, рече еден жител на Крушево.
„Стара крушевска традиција од времето како што се собирале, тука паѓале договори за свадби, за свршувачки, се чествувале имендените, старите имале чест први да седнат, да се дружат“, кажа друга крушевчанка.
Овој настан е дел од Крушево град на културата за 2023 година.