Карпалак се случи бидејќи бевме предадени од нашата власт, од сопствената држава. Се чувствуваме понижени и изманипулирани бидејќи и по 22 години ниту една Влада не спроведе истрага за тој териристички чин, ниту пак се остварија во целост нашите барања како бранители. Ова е ставот на дел од преживеаните учесници од Карпалак кои денеска во Прилеп одбележаа 22 години од ова злосторство.
„Ние баравме за преживеаните кои се вратија од Карпалак да имаат бесплатно здравство за цела фамилија и закон да се донеси за бранители и да бидеме прогласени за борци. Од тоа досега нема ништо. Траумите останаа, се чувствуваме понижемни, никој за овие 22 години не покрена постапка да се види како тоа се случи на 8 август 2001. Нашите сознанија се дека бевме предадени од нашата власт, од државата“, кажа Душан Бошевски, учесник на Карпалак.
Бараат изградба на споменик на месноста Карпалак, централната манифестација да се одржува таму, како и да влезат во Уставот со статус на борци. Исто така бараат и средба со локалните и централните власти за да им се реши вработувањето на тие кои беа дел од конфликтот и се бореа за Македонија.
„Некои видоа бенефит и се средија, но поголемиот дел бранители не се средени. Децата на загинатите бранители треба да добијат статус на борец, а ние од припадници на безбедносните сили да станеме борци. Дај нека се договорат припадниците на локалната власт и премиерот, ние најдобро знаеме да го работиме обезбедувањето, доста не експлоатираат разни агенции. Еве давам рок од 15 дена, да седниме да ме викнат или во Влада или во локалната самоуправа, стотици бранители ја работат оваа работа, а се експлоатирани“, потенцираше Рубин Секулоски, Здружението на резервни воени обврзници од 2001 и 2002 година.
Свежо цвеќе денеска пред споменикот во Прилеп положија повеќе делегации од државниот врв, политичките партии, здруженија на граѓани и семејствата на загинатите. Градоначалникот на Прилеп упати порака злото од 2001 никогаш да не се повтори.
„И стоејќи тука пред нивниот споменик, именуван како „Прилепски Бранители“ даваме завет како Македонци, дека ќе го чуваме нивниот спомен, дека ќе ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни, туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Вчера беше оддадена почит и беше положено свежо цвеќе и на споменикот кој се наоѓа во прилепската касарна.