ВИДЕО – Државата треба да вложува во спасувачки и медициски тимови за да Крушево остане топ светска дестинација за летање


Над 130 најдобри пилоти од 21 држава учествуваа на Светското првенство во змејарство кое во изминативе 2 недели се одржуваше во Крушево. Само оваа летна сезона во Крушево до сега поминаа околу 2.500 змејари и параглајдеристи. Но организаторите на овие настани сепак велат дека иако сме меѓу неколкуте топ светски дестинации за овие спортови, треба многу да се потрудиме за истите ги задржиме. Особено требало да се работи на безбеноста и подготвеноста на спасувачки и медициски тимови да се справат со падови и повреди при ваквите спортови, затоа што засега државата не вложувала воопшто во ова.

„Значи начинот како ние функционираме со службата за извлекување, со службата за спасување, со амбулантата, со првиот сервис, ние сме испод секој светски стандард. Во нашите возила нема еден спреј да му се испрска ногата на некој што е повреден. Колку многу имаме и дали се исплати за таков низок стандард на сервиси сето тоа да го загубиме“, вели Горан Димишкоски, претседател на Светска параглајдинг асоцијација и организаторт на настанот.

 Скоро секој викенд е букиран со некој натпревар или настан. На прсти се бројат местата во светот кои по бројот на натпревари може да се пофалат со ваквите бројки.

„Ако не реагираме на тоа првиот момент кога ќе се рашири дека не е безбедно сето ова ќе се сруши како кула од карти. Затоа што места за летање има многу на светов. Не се бара само место за летање. Се бара цел сервис кој подразбира угостителство, храна, безбедност и многу други фактори, затоа што натпреварот е спортски, но тој влече голем туризам со себе и главниот бенефит на локалната заедница е од туризмот, не директно од натпреварите. Натпреварите се промоција, а туризмот е тоа што движи се. А туристите се многу загрижени дали се безбедни или не, повеќе од натпреварувачите“, додаде Димишкоски.

Од Општината прават максимални напори што е во доменот на промоцијата на Крушево како дестинација за развој на воздухопловните спортови.

„Во моментов работиме на инфраструктура, односно комплетна проектна документација за ново полетиште, алтернативно полетиште, затоа што овие меѓународни натпревари бараат самостојност во извршувањето на нивните задачи и нивните натпреварувања. Со тоа самите професионалци бараат одделен простор за полетување, но и оние кои доаѓаат аматерски треба да дојдат и достојно да полетуваат од друго алтернативно полетувалиште“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Пилотите кои доаѓаат тука се презадоволни од условите кои природата ги дава тука.

„Јас сум прв пат тука, убаво место, условите за летање се одлични“, вели натпреварувач од Италија.

 

„Трет пат сум во Крушево, ова е прекрасно место за летање. Предноста е што градот е на самата планина, значи не треба да се качуваш за леташ, туку ти си веќе на планина. Градот има прекрасни угостителски места и народот е доста гостопримлив“, рече натпреварувач од Холандија.

 

„Ова место е одлично, но треба да се најде алтернативно полетувалиште во деновите кога дуваат неповолни ветрови, можеби долу во долината од некој помал рид или од Трескавец од другата страна на котлината, ако тоа се направи, тогаш Крушево би било најдоброто“, додаде трет натпреварувач од Унгарија.

Со поголем ангажман на државата, прифаќање на сите забелешки и одвојување на повеќе средства за овој вид на туризам, Крушево ќе стане незаменлива светска дестинација за овие спортови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи