На денешен ден 1942 бугарскиот фашистички окупатор во Дабница масакрира 18 македонски патриоти

На денешен ден во 1942 година кај селото Дабница, во месноста Дабнички Завој кај Прилеп, бугарскиот фашистички окупатор на подмолен начин масакрира 18 македонски патриоти.

По наредба на Битолската обласна полиција од 28 август 1942, во содејство со административната власт, полицијата и војската, биле интензивирани репресалиите кон населението кое го помагало ослободителното движење, особено партизанските одреди. По борбата на Мукос (14 септември, 1942 г.) помеѓу бугарската војска и полиција против четата од Партизанскиот одред „Димитар Влахов“, бугарските сили го блокирале и селото Дабница. Ги собрале селаните сред село и откако виделе дека никој не кажува за врските со партизаните, врзале 64 мажи (на возраст од 16 до 60 години) од селото со ортоми и ги однеле во касарните во Прилеп. Таму тие биле измачувани, со боксови, газење, тепање со стап и коловски жила, бајонети под грло, горење под ноктите на рацете и нозете, гаснење на цигари по телото и друго. Од претепувањето во затворот починал еден селанец, Сотир Дамески.

На 18 септември од затворениците по список извлекле 19 мина, 12 од затворените селани од Дабница и 7 прилепчани, кои следниот ден (19 септември, 1942) ги врзале со ортоми и без да бидат судени, ги повеле на стрелање. На пат кон Дабница, по наредба на поручникот Иван Куцаров, затворениците се стрелани. Иако биле дополнително проверувани дали некој останал жив, еден од затворениците, Петко Велкоски, ранет и искрвавен, се притајува, го подзапира здивот и е фрлен меѓу мртвите другари. На крај, успева да се спаси и да сведочи за ѕверствата на бугарскиот фашистички окупатор.

Во писмото испратено од Мирче Ацев до Цветко Узуновски, на 25 ноември 1942 година, во кое го опишува теророт во Прилепскиот крај, тој ги набројува селата Дабница, Стровија, Гостиражни, Габровник, Орао Дол, Мокрени, Богомила, Оморани, Чашка, Рудник, Јаболчиште, чии жители (до 10тина по село) без суд биле стрелани од бугарските војски, под изговор дека ги помагале партизаните. Тој ја опишува тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов. Нивните групи агитирале на терен, да ги прикажат партизаните како српски четници кои сакале да ја вратат српската власт. Интересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ, арх. бр.177 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи