Следната недела во Охрид, во периодот од 04. до 06. октомври ќе биде одржан меѓународен научен собир со наслов „Одрази на верувањата, материјалните и општествените манифестации на сахралноста“, кој е во организација на Институтот за старословенска култура – Прилеп, со поддршка на Министерството за култура на РМ.
„Во рамките на овој собир ќе учествуваат поголем број на истакнати научни имиња од земјата и соседните земји, имаме гости од Грција, Бугарија, Србија, кои се истакнати истражувачи од областа на археологијата, историјата на уметност, историјата, етнологијата, лингвистиката, всушност оние области кои се од дејноста на Институтот. Во рамките на оваа конференција очекуваме дека ќе имаме плодна расправа околу сите оние аспекти на културата кои се непосредно поврзани со светоста, со сахралноста, со нерелигиски верувања, обичаите, обредите кои постојат не само кај македонскиот народ, туку и пошироко на балканската територија“, истакна директорот на Институтот за старо словенска култура од Прилеп, Александар Василески.