Во големиот пожар кој избувна околу 16 часот попладнево изгореа неколку куќи во селото Мало Рувци, а според исказите на дел од жителите изгорела и трпезаријата од селската црква. Станува збор за куќи кои се или напуштени или пак куќи чии сопственици ги користеле како викендици, не за постојано живеење. До нашата редакција граѓани испратија и видео материјал.
Огнот за кратко време се прошири низ целата околина и сега огромен пламен крак се протега на потегот од с. Мало Рувци па се до с. Канатларци, а гори и во околината на селата Шелеверци и Алинци.
Командирот на ТППЕ Прилеп, Кристијан Момироски, истакна дека станува збор за огромна огнена стихија која тие се обидуваат да ја стават под контрола. Имале поддршка и од битолските пожарникари, како и од вработени од јавните претпријатија од Прилеп. Утре се очекува да има и воздушна поддршка во гаснењето на огнот. Засега немало опасност огнот да зафати и други населени места.