Во чест на последниот концерт кој Тоше го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, кој денес го носи неговото име, во Крушево втора година по ред Спомен домот Тодор Проески го организира музички настан „Со љубов за Тоше“, на кој познати имиња од Балканот и Македонија ги пејат безвременските хитови на Тоше.
„Се уште песните на Тоше живеат во нашите срца, Тоше живее преку нив, музиката нема граници и овој настан ги собира не само нашите млади музички надежни имиња и колеги туку и сите оние кои што дефинитивно растеа, пријателуваа со него и сакаат на ваков начин да му оддадат достојна почит“, вели Лефкија Гажовска, директорка на Спомен дом Тодор Проески – Крушево.
„Од тука од Крушево оддаваме почит и на сите им покажуваме сплотеност и љубов, како што знаеше тој тоа да го направи, да ги сплоти сите балкански народи“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Бојан Маровиќ, Фрајле, Александра Јанева, Димитар Андоновски, Славица Ангелова, Мите Стоилков, Александра Трајческа, Никола Зацески, Зоран Илиев и Инвиктус Бенд беа музичките групи и пејачи кои ја забавуваа публиката.
„Во обид да ги допреме неговите песни, но тоа е едноставно невозможно, едноставно ние ќе ги уживаме неговите мелодии, едноставно додека пееме ние него го чувствуваме и се што тој нас ни даде како музика, како човек“, рече Александра Трајческа музичар.
„Ова значи дека пред се не смееме никогаш да го заборавиме бидејќи Тоше беше единствен и јас сум сигурен дека никогаш нема да се роди таков човек не само во Македонија туку и во светот и треба да го негуваме и почитуваме и неговото дело што тој ни го остави, да го следиме неговиот правец на музика, начин на живот“, додаде Зоран Илиев, музичар.
И публиката потенцираше дека никогаш не треба да го заборавиме Тоше и неговите дела. Ваквите настани треба да ги има постојано како потсетник за него.
„Тука сум за Тоше многу го сакам, чувствувам дека тој прави да бидам подобра личност и затоа го сакам со целото мое срце, целата моја душа и целото мое постоење“, вели едена посетителка на концертот.
„Ова е најмалку што Тоше го заслужува ние треба многу повеќе да направиме за Тоше, тој беше човек кој не знаеше на никого да каже не“, додаде друг посетител на концертот.
Концертот се одржа со поддршка на Општина Крушево, Спомен куќата Тодор Проески, Министерството за култура и неколку општествено одговорни компании.