Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска како одговор на новинарско прашање рече дека прифатливи се сугеститите на Меѓународниот монетарен фонд за намалување на субвенциите од страна на државата за плаќањето на електричната енергија од страна на државата.
„Наназад различни финансиски институции препорачуваат дека не е издржлив моделот на високо субвенционирање на електричната енергија. Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи беше до 80 отсто и тоа е неиздржливо за една мала земја како нашата. Годинава субвенционирањето е намалено на некаде 60 отсто и тоа е трендот по којшто треба да движиме“, рече Битиќи
Според Битиќи, тоа ќе значи дека зголемувањето на цената ќе падне на товар на поголемите корисници – односно на оние кои активно користат електрична енергија од третиот и четвртиот блок.
„Со тоа опфатот ќе биде поголем за тие коишто трошат повеќе, а за најранливите категории на луѓе, за луѓето кои вистински штедат електрична енергија да остане ист тарифен модел, иста тарифа, но и цената на електричната енергија т.е. евентуалната промена на цената на електрична енергија да не падне на товар на тие коишто се во првиот и вториот блок, туку кај тие што се во третиот и четвртиот блок, а тоа се поголемите корисници“, појасни Битиќи.