Голем број објекти се изградени на подрачјето на цела држава, но она што е факт за подрачјето за општина Прилеп е дека веќе 2 години комплетно изградена од страна на претходната локална самоуправа од СДСМ градинка во Прилеп и веќе 2 години чекаме актуелниот градоначалник од ВМРО ДПМНЕ да направи технички прием на градинката и да ја стави во употреба, изјави денеска пратеникот Миле Талевски одговарајќи на новинарско прашање, кога Прилеп ќе добие нова градинка, нов театар и кога ќе бидат отворени двете затворени спортски сали, сала „Македонија“ и Универзална сала.
„Така да прашањата за градинката треба да се постават до актуелниот градоначалник на општина Прилеп зошто на повеќе од 252 деца им ја скратува можноста да ја користат таа градинка веќе 2 години. Знаеме дека во подрачјето на тој дел на Прилеп екстремно им е потребна таа градинка на граѓаните и час поскоро треба да биде ставена во функција. Ќе повторам уште еднаш, градинката е комплетно изградена и се чека од страна на локалната самоуправа да направи технички прием на самата градинка, затоа што тука ќе бидат опслужени повеќе од 252 дечиња. Затоа ние, и Владата и Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика се комплетно подготвени таа градинка да ја стават во функција, но се чека од локалната самоуправа повеќе од 2 години да направи технички прием на самата градинка. Рокот кој ние презедовме со тогашната локална самоуправа е комплетно испочитуван и градинката е комплетно изградена. Новата локална самоуправа која имаше обврска само да ја стави во функција градинката, веќе 2 години ги држи во заложништво жителите од таа населба. Само да појаснам, немаше никаков пропуст од страна на изведувачот, имаше ситни забелешки кои повеќе од 1 година се отстранети. Зошто градинката не се става во функција тоа е прашање кое треба да го упатите до Општината“, рече Талевски.
За театарот пак Талевски рече дека тоа било сериозен проект и местото каде било предвидено да се изгради требало да има соодветна инфраструктура.
„Што се однесува до театарот, имаше подготвена физибилити студија од страна на локалната самоуправа, има подготвено проект кој е оставен на актуелниот градоначалник да го реализира. Тука треба иницијатива од сите страни за она што им е најпотребно на граѓаните, а тоа е да се изгради час поскоро театар. Знаете дека тоа е сериозен проект и местото каде е предвидено да се изгради театарот треба да има соодветна инфраструктура“, додаде Талевски.
За спортските сали пак нема конкретен одговор кога истите ќе профункционираат
„Што се однесува на салите, знаете дека владата на СДСМ изгради најмногу сали во историјата како политичка партија. Се изгради сала во основното училиште „Кире Гаврилоски“ со вредност од повеќе од 300.000 евра. За двете сали, таму има сериозен проблем во делот на имотната состојба и како тие се внесени во катастарот, зборувам за салата „Македонија“. А за универзалната сала во Тутунскиот комбинат, таа е во сопственост на акционерското друштво за Стопанисување со станбен и деловен простор, таа сала не е ставена во функција затоа што има соодветни технички проблеми, за да се заштита граѓаните од некакви несакани ситуации и затоа од Владата има дадено препорака до акционерското друштво да ги отстрани тие технички проблеми за да може салата да биде ставена во функција, затоа што е од исклучителна потреба на граѓаните“, рече Талевски.