Отворена изложбата „ВИЗИИ-Глава полна со луѓе“ од доајенот Родољуб Анастасов

Денес во 13.00 часот во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „ВИЗИИ-Глава полна со луѓе“ со  дела од доајенот на  македонското сликарство, Родољуб Анастасов. Автор и куратор на изложбата е  Јасминка Намичева,  од неформалната мрежа на музеи –МузеумЛинк.

Посетителите ќе можат да проследат нова и досега неизложена серија на цртежи, работени во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати каде извонредниот Анастасов, од својот мемориски трезор изнедри повеќе од 200 портрети, создадени во периодот 2016-2022година.

Д-р Љубен Пауновски  за проектот ќе каже:

„Тоа е рационално осмислен уметнички проект,  произлезен од драматични настани и состојби во животот на уметникот што се случиле во 2008 година, кога животните потреси што ги доживеал Анастасов ја промениле неговата животна позиција од сите аспекти и го внеле во еден друг свет, во светот на сеќавањата и контемплациите. Му ги отвориле суштинските, но неразрешливи прашања за човекот и за животот…. Следувал повеќегодишен период на самотија, со многу превирања во емоциите, тешки прашања во мислите, постојана свртеност во сеќавањата од животот и мирување на четките и моливите. Продолжувајќи да живее во типична самотија, уметникот и натаму со емоциите и мислите продолжил да гледа внатре во себеси, во меморираните настани што ги доживеал на неговиот изминат животен пат и во ликовите на луѓето што од животот влегле во неговиот ментален албум.

Во 2016 година настапило релативно смирување, доволно за Анастасов да ја започне оваа нова серија на цртежи, а повремено да вклучува и цртежи според тематскиот циклус „Човек и простор“. Така Анастасов ја перцепира  сопствената меморија, односно жителите во својот ментален свет,  кои ги претвора во портретни мотиви во своите цртежи.

На тематски план оваа серија на цртежи е автобиографска затоа што портретираните луѓе, на еден или на друг начин, биле дел од неговиот живот или барем ги сретнал на неговата животна патека и останале запишани во неговата меморија. На филозофски план, низ мемориските репродукции како повторувања, реконструкции и меѓусебни врски на запомнетото, оваа серија на цртежи е соочување со фактот дека и смислата и бессмислата подеднакво се својство на животот. На психолошки план таа е креативно ослободување од нараснатиот притисок акумулиран од регресивното ментално патување по личната животна патека.

Има изреки дека убавината, или љубовта, или уметноста или…, ќе го спаси светот, што на општ, колективен план останува само метафора. Меѓутоа, тоа е можно, но само како индивидуален потфат. Анастасов е жив пример на човек кој во два наврати во својот живот се извлекол од тешките неволји, се спасил преку уметноста. Првиот пат со уметноста ги разбивал сите предрасуди кон него, ги избришал сите стигми, ја опсервирал, продирал и ја сликал психологијата и филозофијата на човековиот живот во модерната цивилизација додека малите луѓе на таа цивилизација сите врати му ги затворале. Вториот пат, кога доживеал тежок здравствен и емоционален удар, наместо подлегнување и тонење во осаменост, депресија и психолошко страдање, тој на својот ум/мозок му задал деликатна и нова когнитивна задача – да умее/прифати да живее сам, но активно да го гледа и реконструира својот изминат живот и практично да дејствува преку уметноста. Или, како што сметал Жан Пол Сартр, да биде посилен од својата судбина. И навистина, во двата случаи се спасил преку уметноста.“

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи