ВИДЕО – Николоска: Во ООУ „Добре Јованоски“ нема никаква намерна сегрегација, ниту дискриминација, дел од родителите намерно сменуваат лични документи да не ги запишат децата тука


Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека се прави сегрегација врз децата од ромска етничка припадност во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп и се формирале чисто ромски паралелки, а со тоа имало и индиректна дискриминација. Дел од родителите на децата Роми тврдат дека на таков начин тие добивале и понеквалитетно образование. Обвинуваат и дека доколку некои сакале да се запишат во соседното училиште „Кире Гаврилоски“ тие усно биле одбивани.

Од ООУ „Добре Јованоски“ денеска демантираа дека се прави било каква намерна сегрегација или дискриминација врз Ромите во ова училиште затоа што бројот на деца не-Роми кои се запишани тука е многу мал, односно само 15%, а додека бројот на Роми бил 85%, па затоа морало да има и чисто ромски паралелки.


„Најостро ги демантирам наводите дека децата кои не биле Роми, добивале понеквалитетна настава која им ја загрозувала можноста за идно, понапредно образование. Во нашето училиште секогаш на прво место било и ќе биде квалитетното образоване без исклучок. Секое дете за нас е подеднакво значајно и со секое дете се работи максимално професионално и посветено. Бројот на деца не-Роми во кои се запишани во нашето училиште е многу мал, па затоа и имаме чисти ромски паралелки, така што демантирам дека поделбата на класови со деца Роми и деца кои не се Роми е правена со некаква намера. Јас како директор на ООУ Добре Јованоски, никогаш не сум исполнувала желби на родители за префрлање на деца од едно во друго училиште (во случајов ООУ Кире Гаврилоски) туку секогаш сум постапувала согласно законот. Така ќе биде и во иднина“, истакна Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“.

 

Дел од проблемот кај запишувањето на децата не- Роми бил и во тоа што родителите на тие деца ваделе лични документи со адреси на живеење каде реално не живеат, за да потоа со реонизацијата ги запишат децата во друго училиште, врз што контрола не може да има „Добре Јованоски“.

 

Ги повикувам МВР да поводат малку сметка за тоа како издаваат лични карти и колку ги контролираат живеалиштата на родителите кои ги сменуваат личните карти за да се запишат во друго училиште. Јас ве уверувам дека сите што во овој момент имаат извадено променети лични карти сега да појдиме во нивните живеалишта 100% нема да ги најдеме таму. Ретки се тие кои навистина имаат потреба да ја сменат личната карта и нормално нивното живеалиште. Намерно ги сменуваат личните карти, со тоа треба да се позанимава МВР, а не целиот товар да падне врз нас како училиште дека ние сме вршеле некоја дискриминација и сегрегација. Ниту како човек, ниту како наставник, ниту како директор во ниту еден момент не сум вршела ниту дискриминација, ниту сегрегација, пример нека биде тоа што моите 2 деца учат во ова училиште, ќерката веќе заврши, машкото ми е 5 одделение, учи со Роми се дружат заедно и ние немаме никаков проблем со тоа“, додаде Николоска.

 

Зад овие тврдења застана и целиот колектив според кој сите ученици тука добиваат подеднакво исто квалитетно образование.

 

„Тука имаме многу добар и квалитетен наставен кадар што посветува внимание подеднакво на сите деца, независно од нивниот национален состав, учениците се вклучени во сите активности, вон наставни активности, улчилишни активности, секаде каде што одат на натпревари вклучени се сите ученици, зависно од нивните способности и вештини“, изјави Елиза Ѓорѓиеска, педагог во ООУ „Добре Јованоски“.

 

Од ООУ „Добре Јованоски“ уште еднаш апелираат да нема стереотипи, да не се делат децата по ниту една основа бидејќи сите се исти.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи