ВИДЕО – Тримир – третиот ден од Велигденските пости здружението „Преродба“ го одбележан со посна трпеза и голема дружба


Веќе 18-та година по ред Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп го одбележува третиот ден од Велигденските пости кој кај народот e познат уште и како Тримир. Македонски традиционални рецепти, зелници, мазници, грав, посна сарма, кравајчиња, баклава и уште многу други работи се најдоа на посната трпеза. Според православната традиција, на почетокот на велигденските пости, оние христијани кои држат Тримир ниту јадат, ниту пијат од понеделник до среда, во средата одат на Литургија каде се причестуваат, а потоа за прв пат после три дена конзумираат храна и вода.

„После најубавиот наш празник прочка, на кој најмногу се радуваат децата, а и ние возрасните следува онаа убава вечера кога се запостува. Наредните 3 дена се строги пости и затоа се вика Тримир, во средата е третиот ден кога му се честите на тој кој што го држел Тримирот. И затоа се збираме ние членките тука за да си го одбележиме празникот Тримир. На Тримирската трпеза се е посно, гравче, сарми, посни погачи, буквално се е посно“, вели Спасија Грижоска, членка на здружението „Преродба“.

Инаку овој ден најмногу се одбележува во Прилеп и Струмица. Интересно е тоа што на Тримир се канат само жени, а не мажи, затоа кај народот е познат уште и како женски празник или женски ден. Односно мајката од младата невеста прво на гости си ја поканува свекрвата, а свекрвата пак си ги поканува нејзините блиски, золви, јатрви, за да ги донеси на гости кај мајката од невестата. Невестата пак за тој ден постарите ја поучуваат дека свекрвата и свекорот треба да си ги почитува како своите родители.

„Тримирот се одржува во Прилеп само за невестите и повеќето си одат кај мајките со свркрвите. Се носат поклони за невестата и посебно овошје“, рече Менче Милошеска, рече членка на здружението „Преродба“.

 

„На овој ден во средата мајката на невестата спрема посни трпеза и си кани гости. Зелник, погачи, баклава, оршав, се да биди посно. Овие што доаѓаат носат кој благо, кој локум, а сообено портокали. Тоа е многу убав адет и треба да се зачува и сакаме ние да го запамета нашите деца и внуци“, додаде Ленче Спиркоска, членка на здружението „Преродба“.

А како посебни специјалитети без кои не поминува овој празник во Прилеп се пченицата од конопни зрна и бозата.

„Пченица се прави од конопни зрна. Се вари пченицата, а конопните зрна се толчат и таа доаѓа бела, како да е правена со млеко од конопните зрна. Значи обавезно пченицата се правела со конопни зрна бидејќи конопното зрно било калорично и тие кои држеле Тримир јадат ваква пченица за да добијат сила“, вели Ленче Спиркоска, членка на здружението „Преродба“.

 

„За тримирот најважна е бозата. Во времето требало таа да се донеси на овој ден. Бидејќи кај мајките доаѓале младите невести, жените носеле боза, за да младите доилки добијат побрзо млеко“, истакна Марија Ѓорѓиеска, членка на здружението „Преродба“.

 А како и секоја седенка со вкусна храна на крајот дружбата на здружението „Преродба“ заврши и со традиционални македонски песни.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи