Основното училиште Добре Јованоски од Прилеп е домаќин на државниот натпревар во ракомет за основни училишта во категорија женски кој се одржа во организација на Федерацијата на училишни спортови и Сојузот на училишни спортови од Прилеп. Беа пристуни најдобрите 4 екипи од целата држава, од Делчево, Струга, Скопје и домаќинот ООУ „Добре Јованоски“.
„На наше огромно задоволство денес сме домаќини на Државното првенство во ракомет во женски учеснички. Ова е прв пат во нашето училиште благодарение на спортските клубови од училиштата и Федерацијата на училишни спортови. Ќе има 4 екипи од кои се разбира ќе победи најдобриот. Значи ова е прв пат во нашето училиште да има државно првенство, инаку натпревари организирани од страна на училишните клубови имаме континуирано, скоро секој месец. Ние како училиште го поддржуваме спортот бидејќи тој е важен и за менталното и физичкото здравје на нашите ученици и на сите деца воопшто“, истакна Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“.
Инаку Сојузот на училишни спортови на ниво на држава опфаќа околу 30 до 40.000 деца во сите категории и тој претставува базата и расадник за спортот во нашата држава од каде професионалните екипи треба да ги црпат своите идни кадри.
„Овде е практично ракометниот крем во оваа категорија ученици. Тука се до 9 одделение учениците, денеска ќе се натпреваруваат околу 60-тина дечиња, се надеваме на успех нормално прво на нашата прилепска екипа, а потоа и на другите екипи од Македонија. Сојузот за училишен спорт, како членка на Федерацијата за училишен спорт на Македонија е најмасовна организација која во текот на целат година опфаќа огромен број на ученици. Располагаме со некои бројки од 30 до 40.000 опфатени дечиња во сите категории и во основно и во средно училиште. Сега имаме напори да влезиме и во градинките. Знаеме дека од пред неколку години во овие натпревари преку Федерацијата на училишен спорт се опфатени учениците од 2,3, 4 и 5 одделение, значи во понижите одделенија и доаѓаме до една бројка која што навистина не е за занемарување. Ова е базата, основата за сите понатамошни спортови. Од тука клубовите ги црпат сите свои кадри кои понатаму во матичните клубови успеваат да напредуваат, па да стигнат и до репрезентативно ниво“, додаде Здравко Ристески, претседател на Сојуз на училишни спортови Прилеп.
Федерацијата на училишни спортови е огромна организација каде децата се натпреваруваат во неколку натпревари, како општински, зонски, регионални па потоа од сите нив се одбираат најдобрите за ваквите државни првенства.
„И овие млади генерации се нашата надеж кои фактични го збогатуваат ракометниот спорт и во ракометната федерација. Инаку Федерацијата на училишен спорт на Македонија и комплексна Федерација каде се негуваат огромен број на спортови и за основни и за средни училишта и за машки и женски подеднакво и какде има натпревари каде има прво натпревари во училиштата, потоа општински натпревар помеѓу училиштата, поа прваците од општина одат на зонски натпревари кои ги имаме 12 во државава, а имаме 36 натпреварувачки општини. После тие прваци од зонските натпревари одат во 3 региони, источен, западен и скопски регион и најдобрите од сите региони доаѓаат овде на државно првенство каде сега е домаќин Прилеп. Традијата во училишниот спорт продолжува во овој систем на натпревари. Прилеп бил домаќин на неколку големи настани, 2 Гимназијади сме одржале, мали олимписки игри, тука имало државни првенства, секогаш сме имале безрезервна поддршка и ова е добро како една влечна сила за младите генерации да се вклучат во спортот“, изјави Александар Туфекџиевски, претседател на Федерација на училишен споорт на Македонија.
Со одличната организацијата на овој настан ООУ „Добре Јованоски“ уште еднаш докажа дека секогаш застанува зад спортот кој носи големи придобивки кај децата, почнувајќи од физичкото и психолошкото здравје, а има голема улога и во правилниот раст и развој на личноста.