ВИДЕО – Денеска голем предвелигденски панаѓур со рачни изработки на учениците од ООУ „Кочо Рацин“


Основното училиште Кочо Рацин од Прилеп организираше голем предвелигденски панаѓур со рачни изработки на улицата „Борка Талески“, крак од полоштадот „Методија Андонов Ченто“, на кој што учествуваа учениците од 1 до 9 одделение. Помалите ученици до 5 одделение секој клас имаше извадено свој штанд, а додека повозрасните ученици од 6 до 9 одделение имаа заеднички штандови по активи. Прилепчани имаа можност да си купат огромен број на прекрасни креации и да ги украсат своите домови за големиот христијански празник Велигден по доста евтини цени. Собраните средства секој клас ќе ги употребува како сака.

„Денеска сме собрани за тоа што има панаѓур и ние сите од 6 одделение одлучивме да направиме изработки за да продаваме украси, подготвивме разни јајца, зајачиња, корпиња, венчиња и друго“, велат учениците од 6-то одделение.

 

„Организиравме тезги бидејќи ќе имаме екскурзија и со собраните пари ќе одиме на екскурзија како клас во Кичево“, вели еден ученик.

 

„Ние подготвивме како украси за Велигден секакви како картонски зајачиња, колачи, корпиња, како украси за дома“, додаде друг ученик.

 

„Ние работиме некој Велигденски изработки и ги собираме парите за четврт матурата“, кажа една ученичка.

 

„Овде имаме плетени корпиња за јајца, ги изработувавме неколку часови. За нас е прв пат да правиме ваков панаѓур, за помалото училиште „Кочо Рацин“ не е, тие прават секоја година“, истакнаа дел од учениците кои имаат свој штанд на панаѓурот.

Ова е за прв пат ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп да прави ваков голем Предвелигденски панаѓур. Досега ваков настан организирало само подрачното училиште „Кочо Рацин“ што е до 5 одделение и се наоѓа во населбата Рид во овој град.

„Денес имаме панаѓур, тука продаваме секакви работи и овде доаѓат луѓе ни купуваат. Подготвивме корпиња, разни велигдеснки работи, гипсени фигури, колачи и се друго“, додаде друга ученичка.

 

„Ние направивме велигденски панаѓур со разчни изработки, со помош на другарчињата и наставникот. Имаме собрано 1.540 денари досега“, рекоа други ученици.

Наставниците велат дека вакви штандови се организираат за скоро сите поголеми празници и децата со нетрпение чекаат тие да дојдат.

„Сето ова што се гледа денеска е креација од децата. Значи изработки од децата и нивните ментори по повод претстојниот празник Велигден. Парите кои ќе ги соберат децава се буквално од децата за децата. Тие ќе си ги трошат по ивна желба. Така шрто му посакувам успех, да соберат што е можно повеќе пари, да бидат среќни, радосни и весели и ова се надевам дека ќе ни остане во традиција“, изјави Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“ Прилеп.

 

„Еве се потрудивме да изработиме нешто со што можеме да се претаставиме пред родителите, минувачите и можете да слушнете како учениците успешно ги продаваат нивните изработки. Секоја година не само за Велигден подготвуваме вакви панаѓури, тоа е еден вид и учење и забава на нашите ученици, а воедно и соработка со родителите и целата локална заедница“, додаде Горан Аврамоски, наставник.

 

„Внучето ми е тука, немам зборови се продадовме од тезгата па сега нека си прошетаат со парите“, вели една баба на ученик.

 

„Постојано организираме вакви панаѓури, ние сме од подрачното училиште ООУ „Кочо Рацин“ – Рид, обично фги организираме таму ама оваа година се приклучивме тука“, рече Стојна Богеска, наставник.

Од ООУ Кочо Рацин се надеваат дека овој настан ќе прерасне во традиција и дека идната година за празникот Велигден ќе организираат уште поголема манифестација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи