ВИДЕО – Од вапсување на јајца до Христовото Воскресение – каква е традицијата во Прилеп од Велики Четврток до Велигден


Традиционално како и секоја година на овој ден Велики Четврток се вапсуваат јајцата за големиот христијански празник Велигден. Според обичајот домаќинките во Прилеп прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце, а секое од тие јајца си има своја симболика. Првото вапсано јајце се нарекува Божјарче, бидејќи е посветено за Господ. Второто е посветено за ќуќата, а третото за нивата или имотот. Членките од здружението „Преродба“ од Прилеп ни раскажаа за овие традиции.

„И со едното јајце одиме рано на сабајле каде што спијат децата и ги премачкуваме на лицето и им велиме црвено бело дебело, за да бидат здрави, црвени и храбри“, рече Менче Милошеска, членка на здружение „Преродба“ – Прилеп.

Сите три јајца потоа заедно ставени и на црвена подлога се ставаат на прозор да ги огрее првиот сончев зрак. Во Прилеп скоро и да нема куќа која не ја почитува оваа традиција.

„Црвеното јајце е од Бога дадено затоа што кога Марија Магдалена отишла кај царот и му подарила јајце и му рекла „Христос Воскресна“ и тој им рекол дека ќе поверува во тоа кога јајцето што го држи ќе стане црвено и тоа се случило во тој миг тогаш, јајцето станало црвено и од тогаш на овој ден се вапсуваат јајца“, додаде Милошеска.

Според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда. За секој од овие предвелигденски денови има разни обичаи кои се практикуваат. Утре на Велики Петок се оди во црква каде верниците ја целиваат плаштаницата, односно платното кое го симболизира Исус Христос.

„После вапчсувањето на јајцата на Велики Четврток ни следува најтажниот ден на овој христијански парзник Велики Петок. На тој ден христијаните се собираат си одат во црква и секој од нив си носи јајце да остави таму за здравје, поминува кај попот кај Плаштаницата. Потоа во нашиот град има панаѓур околу црквите со многу тезги, па останало адет жените да купиме некоја тава или грне за да го имаме како спомен за Велигден и да си речиме е ова си го купив за Велики Петок од црквата“, изјави Лилјана Ацеска, членка на здружение „Преродба“.

Во саботата се прават последните подготовки за најголемиот христијански ден Велигден.

„Се носат децата во чаршија да им се купи нова облека за Велигден и не само децата туку и ние возрасните сакаме да си купиме нешто да се дотераме. Бидејќи кај нас се уште се негува традицијата на самиот ден Велигден да се шета од куќа на куќа и да се посетат пријателите и роднините. Во саботата вечерта се оди во црква се пречекува Христовото Воскресение, се кршиме со јајца таму си доаѓаме дома и свеќите ги оставме во дворот да догорат, свеќите се носат запалени од црква до домот. И во неделата е нашиот голем ден Велигден. Да сме здрави и живи сите, да си ја продолжуваме традицијата, да не ја запоставиме. Тогаш поручекот на сите ни е заеднички фамилијарен, па потоа се оди на гости, се шета“, додаде Ацеска.

Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие Велигденски денови, а освен постарата нив подеднакво ги почитува и помладата генерација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи