Одлуката на новите македонски власти да не се користи уставното име на државата во домашниот јавен дискурс, претставува флагрантно кршење на Договорот од Преспа, истакнал грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, кој присуствува на Советот на министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Луксембург.
Ваквиот став на Герапетритис доаѓа откако синоќа новиот премиер Христијан Мицкоски ја положи заклетвата со уставното име на државата. Претходно истакна наведе дека „ќе мора да ја каже срамната придавка“ и дека „во моментов е немоќен“.
„Ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што ѝ го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам сè додека сум жив политички и како човек, сè што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам“, рече Мицкоски пред да биде изгласана новата Влада.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ е незамисливо.
„Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија“, рече Герапетритис.
Во врска со пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, тој кажа дека Грција отсекогаш била движечката сила во овој процес и оти и понатаму смета дека тоа е од взаемна корист и за Европа и за земјите од Западен Балкан.