Прилепскиот уметник Марјан Стојаноски со изложба во НУЦК „Бели мугри“ Кочани


Авторот Марјан Стојаноски, во скулптуралната поставка во НУЦК „Бели мугри“ Кочани, ги дава на увид досегашните остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно-уметнички теми на инспирација – актуелизирањето на Mythos во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Logos-от во креативните интерпретации (т.е. желбите на постмодерната епоха). Па оттука, претходниот опус „Феникс“, неизбежно се влева и во поновиот циклус „Панта реи“, при што е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на скулптуралната нарација.

Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција, се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот. Како нова слика од неочекувани  ревизии и оригинални уметникови конструкти, кои секако имаат свое незаменливо место во широката зафатнина од уметничкото светско наследство; а парафразата од Ф. Јансен, дека – постмодерната е „поле на сили“ кои делуваат во различни правци -, во продолжение нека не* води кон откривањето на богатите референци на изложеното пред нас.

Мешовитите дела од овие билатерални циклуси отвораат нови појдовни хоризонти, кои заради поголема прегледност и заради нивната естетско- семантичка експресија на изразот што го носат, би ги поделиле во три скулптурни збирови.

Првата т.н. космогониска подгрупа скулптури, се оние кои содржат митопејска интертекстуалност за почетоците на праматеријата, која што демијургшки не се губи, но го видоизменува својот облик, слично како митот за Фениксот, кој ги обновува своите елементи од рушевините на своето себеуништување. Од контролираниот артистички хаос, уметникот ги создава поврзувачките отсечки на редот, создавајќи скулптурална хиероглифа од разгранета плоха на Фениксот, растреперена и раскрилена, која во набљудувачот станува асоцијација на видлив трофеј од победата над минливоста, модерен амблем од реобликувањето на митската симболика од големите цивилизации всадена во сегашноста, обновена и свежа во својата фрагментарност. Скулптуралните делови се во рамката на постмодерниот момент на знаковноста која се стреми да ја достигне својата целовитост во слободен и потполн симбол.

Низови на форми раѓаат нови волумени, рамнотежата помеѓу лежиштата на телата често е остварена во исклучително тешки спојни точки на балансот од конструктите; комбинирањето на својствата на елементите нудат  нови соодносни квалитети и неочекувани тактилни дразби. Впечатливи се и споевите на стакло со метал, соодносот на дрво со метал; тродимензионираните точки на бесконечноста кои се земени од ликовноста на ренесансната перспектива и се претворени во топки; лепењата на металните полирани плохи со други структури од поинаков тип на метал; интересни се и волуменизираните легури од заварувањето во функционалната игра со просторот, и делуваат како омекнувачи на границите на оштрата издвоеност на металната линија од надворешноста, но и сите оние микроструктури што создаваат детали, многу важни за општиот суд за делото.

Авторот Марјан Стојаноски, до крајот на годината ќе изложува исто така во Музејот на Љубовта и Уметноста во Радовиш, како и во Културно информативниот центар на Македонија во Загреб Република Хрватска, а годината ќе ја заврши со представување во Културно информативниот центар на Македонија, во Истамбул, Република Турција.

Значајно е да се каже дека скулпторот Марјан Стојаноски оваа година има поставено и две монументални дела во градот Велес, и во градот Кавадарци, Република Македонија.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи