Оваа година 16 пат по ред во центарот на Прилеп ќе се организира познатото „Tuning car show“, што претставува еден вистински спектакл за сите вистински љубители на автомобилизмот. Што точно ќе се случува за 11 Октомври во Прилеп ќе поразговараме со Марјан Ристески, претседател на здружението „Tuning car show“.
16 година по ред Прилеп благодарение на вас и вашето здружение има можност тука да погледнеме еден вистински спектакл од автомобилизмот?
Добро утро и од мене, оваа година се организираме по 16 пат. Како што рековте и вие, правиме еден голем спектакл во нашиот град Прилеп и се одржува по 16 пат. Ние како автомобилско здружение го организираме веќе години, секоја година настанот е од голем карактер, така да и ние имаме нешто кај нас што заслужува да се види.
Се одржува во центарот на градот, на плоштадот „Александрија“, булеварот „Гоце Делчев“, дали годинава ќе има некакви новини?
Оваа година имаме уште поголем простор, минатата година имавме малку стеснување на просторот, но оваа година е раширено, така да ќе биде на поголема површина.
Минатата година тука немаше буквално игла каде да се фрли, беа дојдени љубители и публика од цела Македонија, но и оние кои сакаа да ги изложат своите возила. Годинава во кои категории на возила публиката ќе има можност да погледне и што ќе се случува?
Оваа година ќе има 4 категории, прво им даваме предност на олдтајмерите кои се многу ретки во нашава држава и има многу голем број на љубители на автомобили кои се од карактер на олдтајмери. Втората категорија е тјунинг возилата кои се надвор од нивната природа и се модифицирани возила. Трета категорија се луксузните возила кои се малку различни и несекојдневни во нашава држава, а ќе се видат и кај нас. И четврта категорија која ја имаме се офроад возила кои исто така се модифицирани, кои се направени само за на терен и ќе бидат изложени на овој настан. Но сепак, во сите овие 4 категории има поткатегории, што ќе се види на самиот настан.
Од олдтајмерите, кое е најстарото што може да се очекува да се погледне, или останува сепак тајна?
Па имаме пријавено од 51ва, 48ма година, тие се така ретки што ќе бидат изложени, но сепак има убави возила и малку нека биде тајна за да види публиката што ќе се дешава на нашиот собир.
Колку е тешко кај нас во Македонија да се набави олдтајмер, но и да се одржува истиот понатаму?
За олдтајмерите многу тешко, бидејќи ние набавуваме делови од целиот свет за сите автомобили, не само олдтајмерите, туку и спортски модифицираните возила. Тоа значи дека делови од странство се набавуваат преку ибеј, али експрес и други страни од каде можат да се набават и да се донесат во нашава држава.
Ги спомнавте спортските модифицирани возила, кои ги поседувате и вие како клуб, годинава каде се имате учествувано, каков вид на награди имате добиено?
Оваа година бевме во соседните држави, во Србија, Грција, Бугарија, Албанија, се натпреварувавме и добивме добри награди, имавме први, втори и трети места, земавме и клупски награди и тоа беше големо и за нас како клуб. Секогаш одиме надвор од државава и го претставуваме Прилеп, што е нормално.
Возилата кои ги поседувате се повеќе од изложбен карактер, или понекогаш од ќеф можете да ги завртите низ град за да ве погледнат и другите?
Нашите коли се секогаш повеќе за ќеф, но сепак правиме некогаш кругчиња во самиот град и низ другите градови каде се автентични за око.
И нив ги модифицирате тука кај нас во Македонија, или во странство?
Деловите што ги земаме за самите коли ги набавуваме од странство, со помош и на други клубови со кои си позајмуваме, ни помагаат и тие низ државава, бидејќи има многу клубови ов нашата држава, сите тие личности сме екипа од Македонија и си помагаме за секој клуб да има тоа што му треба.
Навистина е ретко да се погледнат толку многу возила на едно место собрани, од 4 категории, но и поткатегории. Колку вакви настани има во Македонија и како соработувате?
Па јас како претседател на моето здружение, на мојот клуб, има многу клубови во Македонија, скоро во секој град по еден клуб, но има и градови со повеќе клубови.
Колку младите се љубители на овој спорт, на автомобилизмот и колку имате членови, колку се приклучуваат?
Овој спорт е малку различен од секојдневието, бидејќи за некој нов член да влези во клуб треба да има добро возило, кое отстапува од другите возила. Членови има секоја година се повеќе и повеќе, бидејќи овој автомобилски спорт кажува нешто различно од секојдневието, секое младо дете сака неговата кола да биде различна од другите и да биде истакнат од другарите и пријателите. Ние секогаш ги собираме во нашиот клуб децата и правиме нова приказна за нови моменти.
Се следат ли светските трендови за автомобилизмот кај нас?
Да да, кај нас се следат светските трендови и се практикуваат.
За крај која е пораката која ќе ја упатите за сите оние кои сакаат да бидат тука во Прилеп за празникот 11 Октомври, за ова шоу?
Им препорачувам на сите во Македонија кои се љубители на автомобилскиот спорт да дојдат во Прилеп бидејќи настанот е од голем карактер и ќе имаме многу истакнати и изложени возила, кои ќе можат да се видат со свои очи. Ја поканувам целата македонска јавност да дојди во Прилеп, да направиме една голема забава.
И еве и еден апел и од нас на 11 Октомври не ја пропуштајте оваа прилика да видите толку многу и толку интересни возила собрани на едно место, затоа што ваквите прилики во текот на годината во Македонија се навистина ретки. Како што кажавме 11 Октомври е нашиот најголем празник, но и неработен ден, продолжен викенд, така да навистина имате можност да дојдете и да присуствувате тука во Прилеп. Освен автомобилското шоу Прилеп за овие денови нуди и богата програма која е поврзана со самиот празник и различни други фестивали, кои доколку бидете тука присутни во Прилеп ќе имате можност да ги погледнете. Овој викенд вашата дестинација нека биде градот под Марковите Кули.