ДЕМАНТ И БАРАЊЕ ЗА ЈАВНО ИЗВИНУВАЊЕ
На ден 04.12.2024 година во емисијата ИНФО РЕГИОН на порталот ИНФО КОМПАС, директорот на ЈП за ПУП Бранко Нешкоски, на самиот почеток од интервјуто изнесе серија на невистини, небулози, свои толкувања за начинот на создавање, собирање и поставување на мермерните скулптури во централното градско подрачје и во околината на Прилеп на начин што потенцираше дека делата биле создавани од Прилепската ликовна колонија, дека биле расфрлани низ градот, поранешните фабрики, па собирани од страна на општината, со цел хедонистички да се ужива во таквата уметност.
Пред се Нешкоски како архитект по вокација и долгогодишно одговорно лице за урбаното планирање во градот најдобро од сите би требало да ја знае историјата за уметничкото збогатување на град Прилеп со ваквите уметнички дела изработени во мермер а со кои низ годините самовласно и без никаква согласност од страна на Центарот за современа ликовна уметност располага без при тоа да ги стави под посебен режим на заштита согласно Законот за споменици и спомен обележја на каков начин низ годините за сите оштетени скулптури кои се изложени на јавен простор се оградува од одговорноста за нивното оштетување а преку ваквите популистички настапи безобзирно ги присвојува како своја заслуга.
На таков начин Нешкоски го омаловажува значењето на ЦСЛУ Прилеп за создавањето на ваквото богато уметничко наследство кое е од навистина големо значење за градот и државата а при тоа грубо го крши Законот за авторските и други сродни права и ги повредува авторските права на уметниците кои како учесници во интернационалните аботилници во организација на ЦСЛУ Прилеп дале несебичен придонес кон нивното создавање.
Заради едукација на Нешкоски и пошироката јавност за историјатот на ЦСЛУ Прилеп и начинот на создавање на уметничката колекција на Центарот за современа ликовна уметност, ве молиме да ја погледнете репортажата од серијалот ЗБОР ДВА, објавена токму на порталот ИНФО КОМПАС на следниот линк:
Во прилог на овој демант бараме да бидат објавени и следните документи со кои се потврдува правниот режим на сите мермерни скулптури кои произлегуваат од Интернационалниот скулпторски сумпозиум „Мермер„ Прилеп и тоа списокот на изложени скулптури на Интернационалниот скулпторски сумпозиум „Мермер„ Прилеп од Ноември 1990 година кој точно ја лоцира местоположбата на секоја изложена мермерна монументална скулптура во градот и Потврда од Мермерниот комбинат АД Прилеп со која се потврдува дека ЦСЛУ Прилеп е единствениот субјект на кој мермерниот комбинат уште од 1963 година неповратно му донира бел мермер за изработка на уметнички дела-скулптури и дека ЦСЛУ Прилеп е единствената организација од овој вид со кој мермерниот комбинат имал ваква соработка.
Токму поради ваквата навредлива и омаловажувачка изјава на Директорот на ЈП за ПУП Прилеп, согласно чл.12 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, бараме директорот јавно да се извини за вака искажаните невистини на истото место и во ист обем во средство за информирање, како и информацијата на која се реагира, во спротивно ќе биде поведена судска постапка во која неспорно ќе се утврди одговорноста за така искажаните зборови.
Со почит, за подносител на демантот, полномошник Адвокат Жарко Стеваноски од Прилеп.