Мицкоски: Логичен е падот од 12 места на листата за корупцијата – извештајот е основа за подобрување на позицијата на земјава

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е логичен извештајот на „Транспаренси интернешнл“ за Индексот на перцепција на корупцијата во кој се наведува дека земјава во 2024 година бележи пад од два индексни поена во однос на претходната година и за тоа ја обвинува претходната влада.

„Логичен е тој извештај и добро е што е само два поена, мислев дека ќе биде и повеќе. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат во периодот кога е претходната влада, детално го изанализирав. Тоа е добра основа да почнеме да ја подобруваме нашата позиција“, рече премиерот.

Најави дека на денешната Владина седница ќе го задолжи ресорниот министер, јасно да ги детектира слабостите и во иднина да не се повторуваат.

„Нема да ни се повтори повеќе „Соравија“ во центар на Скопје, измени на Кривичен законик со злоупотреба на европско знаме, ниту бентли, „астон-мартин“ и „ролс – ројс“ автомобили на блиски роднини на нашите семејства. Нема да ни се повторат наместени тендери, парцели за фотонапонски централи на високи владини функционери… Тоа е нотирано во овој извештај и за нас претставува добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме или ќе бидеме полоши“, нагласи Мицкоски.

Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави и ја дели со Казахстан, Суринам и Виетнам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи