Прилеп доби ново фудбалско игралиште, направени по сите ФИФА стандарди, кое се наоѓа во дворот на гимназијата „Мирче Ацев“. Според министерот за спорт и млади, Борко Ристовски, кои се инвеститори на проектот, вакви игралишта се потребни што е можно повеќе низ целата држава за да младите се оттргнат од пороците и да водат здрав начин на живот.

„Интенцијата наша е во тој дел и училишниот спорт е основата за секој еден спорт, така да тоа сакаме да направиме со изградба на овие спортски игралишта, фудбалски и кошаркарски, односно мултифункционални, така да во тој дел би кажал дека ова е наше 13 или 14 реконструирано спортско игралиште, ќе одиме до крајот на годината околу 50-тина, што е една сериозна бројка која ќе ни помогне да изградиме едно здраво општество“, истакна Борко Ристовски, министер за спорт и млади.
Во завршна фаза е и изградбата на спортската сала во ООУ Блаже Конески, а Општината аплицирала со проекти за уште 2 спортски сали, една во градот и една во населено место.
„Ова е само еден чекор на подобрување на спортскиот дух на нашиот град, кој го има епитетот на навистина спортски град. Но не остануваме на реконструкција и градење на спортски терени и игралишта, како што слушнавме од министерот, се залагаме да имаме спортски објекти, да ја вратиме публиката и љубовта на гледањето на спортот, конкретно фудбалот, ракометот и сите други спортови кои заслужуваат вистински и квалитетни спортски објекти“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Учениците од нашата гимназија се ученици кои го негуваат спортскиот дух и постигнуваат резултати на спортските натпревари. Се надеваме дека овој настан денес е само почеток на наредните инвестиции и од страна на градоначалникот и локалната самоуправа, но и од страна на Министерството за спорт како поддршка за нашите ученици“, додаде Весна Михаилоска, директорка на гимназија Мирче Ацев Прилеп.
Во гимназијата „Мирче Ацев“ во иднина било планирано и реконструкција на веќе постоечката спортска сала.