ВИДЕО- Прилеп прераснува во голема дива депонија, крајно несовесни граѓани и институции кои немаат пишано ниту една казна, кое е решението?


Во месноста викана Крстечка Борула на околу 18 км. од Прилеп и околу 1.000 мнв. се стигнува само доколку имате теренско возило, но и покрај тоа целиот предел е претворен во ѓубриште. Расфрлани се дури и детски транспортери и друг различен отпад. Кога некој се одлучил да помине 18 км. од Прилеп и овој предел од шума да го претвори во ѓубриште тогаш може да замислите каква е ситуацијата околу Прилеп.

 

„Без казни Македонија не може да се исчисти од целиот овој отпад. Едноставно не помагаат ниту едукација, ниту ништо, ние немаме едноставно култура на живеење, ние се претворивме во општо ѓубриште и во луѓе кои не си ја сакаат државата“, вели Лилјана Силјаноска Пурдеска, ЈКП Комуналец Прилеп

Над 27 локации регистрирани како диви депонии во Прилеп, со години истиот проблем, ѓубре буквално на секој чекор, целата околина на градот е максимално загадена. Комбинација на крајно несовесни граѓани од една страна, а од друга страна институции и инспектори кои воопшто не излегуваат на терен и немаат пишано ниту една казна за овие злодела против животната средината. Отпад истураат каде ќе стигнат и физички и правни лица, сите ги гледаат кои се, но никој не презема ништо.

„Слободна е депонијата во Алинци кога сакаат, еве не мора ние да го подигнеме. Истите километри се од Прилеп до тука и од Прилеп до Алинци.

Бесплатно е таму полагањето на отпадот?

Бесплатно е. Милион пати истото е кажано дека слободно може целиот отпад кој не може со редовната линија да се однеси таму“, додаде Силјаноска Пурдеска.

Ја посетивме најголемата дива депонија, веднаш до касарната „Мирче Ацев“, на патот до вештачкото езеро. Од прилепски Комуналец велат дека годишно за чистење на дивите депониите се трошат по просечно околу 4 милиони денари. Пари кои наместо за ова може да се употребат за други проекти.

„Во Македонија треба да се организира една огромна акција граѓанска, институционална, било каква. Еднаш засекогаш да си ја исчистиме Македонија, да се исчистат сите диви депонии и после да се започне со казни и тоа ригорозно и повисоки неколку пати од сегашните“, истакна Силјаноска Пурдеска.

Но колку и да чистат за неколку недели повторно истите места се враќаат во депонии. Се одлага буквално се, па и огромни количини на градежен шут и тоа од градежните компании кои никој не ги казнува.

„Ќе видите дека на горниот дел од оваа дива депонија ние имаме толку многу градежен шут кој го носат фирми. Градежни компании од градот. И на нив им е кажано дека може да го носат на депонијата Алинци, но ние во Прилеп како да немам слух и разбирачка дека ние овде живееме, дека утре и твоето и моето дете е тука и ова не може да оди до бескрај. Цела Македонија се претвора во едно огромно ѓубриште“, додаде Силјаноска Пурдеска.

Според ЈКП „Комуналец“ инспекторите од за нив нејасни причини не казнуваа воопшто и затоа во Прилеп владее ваков хаос со отпадот кој го има на сите страни.

„Можеби треба таму да се зголеми бројот инпектори, комунални редари итн.. Но еве јас ако сум комунален редар обврска ќе ми биде да си седнам на оној рид горе и да чекам некој да дојде тука, а ќе дојде. И ќе му пишам казна. И кога ќе се расчуе во Прилеп дека инспекторатот казнува и ќе биде подруго“, изјави Силјаноска Пурдеска.

Од инспекторатот во Општина Прилеп признаваат дека досега  нема ниту една казна за нелегално депонирање отпад. Се правдаат дека немале ниту кадар, ниту доволно возило, а отпадот се депонирал надвор од работното време. Велат дека полицијата пред се требало да ги казнува сторителите, затоа што нив не сакале ниту да им се легитимнираат. Од полицијата пак топката ја враќаат кај инспекторатот и велат дека тоа е нивна работа.

Од Министерството за животна средина пак велат треба да има поголема соработка на сите институции, пред се на општинските власти и инспекторите кои треба повеќе да казнуваат.

„Имено ние како министерство за животна средина и просторно планирање не сме во можност сами да се справиме со овој проблем и затоа јас на неколку пати повикувам на поголема соработка на локалните самоуправи. Заради тоа што локалните самоуправи се тие кои најмногу се во контакт со граѓаните. Навистина казната е непопуларна мерка, но е мерка која што не поучува и не подучува. И кога станува збор и за други теми од животната средина мора да има соработка и со државниот инспекторат за животна средина и со локалните инспеторати“, истакна Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина и просторни планирање.

Од прилепски Комуналец сметаат дека изградбата Регионалната депонија во Новаци ќе ги намали дивите депонии, бидејќи тогаш колку што се носи отпад таму толку и ќе плаќа општината и тогаш можеби инспекторите ќе излезат на терен да казнуваат.

„Овој отпад тогаш ќе дојде да го плати јавното претпријатие, а ЈП кога ќе снема пари ќе земе од општината, а со тоа може да се покачи и сметката. Најверојатно тогаш самата институција Општината, инспекторатот, можеби ќе работат повеќе“, рече Силјаноска Пурдеска.

На ист став се и од Министертвото за животна средина кои велат дека со Регионалните центри за управување со отпад не само што ќе се намалат дивите депонии, туку ќе се затворат и т.н. легални депонии во голем број градови. Така да од 18 општини кои ќе носат отпад во Регионалниот центар во Новаци, ќе останат само 3 претоварни центри.

„Овој Регионален центар за управување со отпад покрај изградната на таа депонија во Новаци предвидува и изградба на три претоварни станици, за овој регион тие ќе бидат во Дебар, Охрид и Прилеп. И таму во најголем дел ќе се врши селекцијата на отпадот. Она што треба да го знаеме сите е тоа дека овој проект од национален интерес и сметам дека тука не треба да постои политика. Проектот заполнал во 2019 година, а кредитот е земен во 2023 година. Не смее да постои политика бидејќи само на овој начин ние може да ја заштитиме животната средина, односно да го намалиме загадувањето. Во овие претоварни станици ќе се врши главната селекција на отпад и всушност во депонијата во Новаци ќе оди само од 20 до 30% на отпад кој што ќе преостане, а другиот селектиран отпад ќе се преработува во претоварните станици“, додаде Лашкоска.

Според Лашкоска во овој капитален проект е до национален интерес и не треба тука да се меша политика. Протестите и оспорувањата за истиот ги смета за непотребни.

„Одговорно тврдиме дека само 20 до 30% ќе оди од отпадот таму, претходно е направена студија на која се работело со години и е утврдено дека треба да биди депонијата во тој стар коп на РЕК Битола кој повеќе не се користи, земјиштето е девастирано и не може да има никаква штета, а и со тој отпад кој што ќе се носи таму нема дфа се направи никаква штета“, потенцираше Лашкоска.

Не само Прилеп, туку цела Македонија се гуши во отпад. Потребна е итна стратегија за овој проблем како и итно разбудување на свеста кај граѓаните дека ако ние сами не си помогнеме, друг нема да дојди да ни исчисти по дома.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи