Во рамките на проектот на ЈНУ Институт за старословенска култура посветен на Културната рута на св. Кирил и Методиј, одобрен од Министерство за култура на РС Македонија, синоќа се одржа концерт на камерниот хор од Познањ, Р. Полска во црквата Св. Кирил и Методиј во Прилеп.
„Голема благодарност до проф. д-р Леон Заборовски, основач и диригент на хорот и учесниците во хорот Cappella Musicae Antiquae Orientalis за нивната маестрална музичка изведба. Голема благодарност до Митрополит Преспанско – пелагониски г. Петар за неговиот благослов за реализација на овој концерт. Голема благодарност и до градоначалникот на општина Прилеп г. Борче Јовчески и членови од светот што не удостоија со нивното присуство. Благодарност до отец Веле и отец Дејан од црквата Св.Кирил и Методиј за поддршката за реализација на концертот“, истакнуваат од НУ Институт за старословенска култура Прилеп.
„Cappella Musicae Antiquae Orientalis“ е камерен хор, основан во 1984 година и обединува претставници од различни средини и генерации, специјализирани за изведба на православна црковна музика. Има остварено преку 550 концерти во Полска и во странство, 48 странски турнеи во 20 европски земји (Русија, Италија, Ватикан, Австрија, Латвија, Германија, Холандија, Шпанија, Франција, Чешка, Грција, Данска, Луксембург, Белгија, Естонија, Литванија, Украина, Словенија, Белорусија, Словачка); Шесткратен лауреат (1985, 1986, 1991, 1994, 2001, 2021), вклучително и двократен добитник на првата награда (1986, 1991) на Меѓународниот фестивал за православна црковна музика „Хајнувка“ (Hajnówka). Важен настан во историјата на хорот е учеството во продукцијата на операта „Борис Годунов“ (Borys Godunow) од Мусоргски во Големиот театар во Лоѓ.




