Преку 12.000 инспекциски контроли во внатрешниот промет на храна се спроведени од почетокот на 2025 година, информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на трибина по повод Светскиот ден на безбедна храна – 7 Јуни.
Како резултат на контролите, уништено е околу 56 тони небезбедна храна, од кои дел од животинско, а дел од неживотинско потекло. Изречени се 1.325 мерки, вклучувајќи 260 парични казни, временски забрани за работа и прекршочни пријави.
„Контролите не застануваат тука – се проверува и секоја увезена пратка. Од почетокот на годината, вратени се 10 пратки како небезбедни, најчесто поради потекло од забранети региони“, рече Миланов.

Особено алармантна била една увозна пратка од 207 тони животинска храна, која е уништена, како и 30 тони храна од неживотинско потекло, меѓу кои и минерална вода со бактериолошка загаденост, и сол со недоволна јодираност. Детектирани се и остатоци од пестициди во увезен зеленчук.
„Безбедноста на храната е заедничка одговорност – од институциите до секој потрошувач. Над 600 милиони луѓе годишно се разболуваат поради небезбедна храна, а повеќе од 420.000 умираат. Само со системски пристап и едукација може да ги спречиме овие бројки“, подвлече Миланов.