Општина Прилеп доби нови два проекти за подобрување на животната средина и јавната инфраструктура

Општина Прилеп обезбеди средства за реализација на два нови проекти, одобрени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година.

Првиот проект е „Подобро одржување на зелените површини во Општина Прилеп“ при што се доби финансиска поддршка во износ од 2.500.000 денари преку Повикот за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој. Со овие средства ќе се набави нов мини багер, кој значително ќе придонесе кон поефикасно и континуирано одржување на јавните зелени површини низ градот.

Вториот проект е „Пошумување на споменикот на природата Маркови кули заради воспоставување стабилност на еколошките процеси и биолошката предeлска разновидност“ и тој е поддржан со 2.000.000 денари преку Повикот за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Проектот предвидува набавка на трактор со приколка и дополнителна опрема неопходна за успешно пошумување и заштита на овој важен природен локалитет.

„ Договорите за двата проекта се веќе потпишани, и веднаш пристапуваме кон нивна реализација. По набавката, механизацијата ќе биде предадена на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, со кое што заедно ќе ги спроведуваме на активностите на терен. Ова е уште еден доказ дека Општина Прилеп работи посветено и стратешки за подобрување на квалитетот на живот, заштита на природата и создавање почиста и позелена животна средина за сите граѓани“, информираат од Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира