Се наоѓаме во депандансот во локалниот музеј галерија Кавадарци, наречен „Куќа на мирис и вкус“, а со нас тука е Томе Крстевски, виш кустос етнолог кој ќе ни ја раскаже приказната за овој навистина интересен и несекојдневен музеј, од кога постои, како се родила идејата и приказната за неговото создавање и како тој функционира во сите овие години.

Крстевски: Добредојдовте во Кавадарци, добредојдовте во нашиот музеј. „Куќата на мирис и вкус“ е создаден 2013 година како заеднички проект со општина Едеса од Република Грција, преку ИПАРД фондовите, каде што се претставува традиционалната храна како во нашиот музеј. Имавме постојана поставка, на која тема беше претставување на традиционалната тиквешка храна, но со развојот на музејот, а музејската дејност е пред сѐ тоа, да се развива поставката, денес имаме поставка која го претставува карактерот на наше Кавадарци и концептот е да ја претстави храната, виното и музиката.
Зошто таков интересен назив сте му дале, „Куќа на мирис и вкус“?
Крстевски: Затоа што Кавадарци е познато по тоа што има добри вина, добра ракија за вкусот, а за мирисот, сепак се работи за храната која ја имаме, особено храната од турскиот период има оставено влијание не само врз предметите кои ги имаме тука за производство на храна, туку и на самата храна. Имаме јадења кои се користат и до ден денес во овие простори, односно етничкиот дел Тиквеш. Музејот е составен од 4 дела, винарски дел, селска соба, градска соба и спомен собите на Васил Хаџиманов и Никола Бадев. Ќе започнеме со овие 2 предмети кои се археолошки артефакти во оваа етнолошка псотавка, кои се доказ за производство на вино и ракија.
Од кога потекнуваат овие артефатки?
Крстевски: Од 2 век пред наша ера, но треба да спомнеме дека имаме развој на лозарството и винарството во Тиквешијата од тој период, сите овие предмети потекнуваат од тој период и сите овие предмети се најдени на територија на општина Кавадарци во археолошки локалитети. Ова се бахинали, игри кои се одржувале во одреден временски период, каде се славел богот Бахус. Треба да го спомнеме тука и богот Дионис, во античкиот период на овие простори се славел богот Дионис, односно имало Дионисови игри во тиквешијата. Кон крајот на март се одржувале мали Дионисови игри, или селски Дионисови игри, а во првата половина на април месец се големите, односно градските Дионисови игри. Овие Дионисови игри и бахиналиите секогаш содржеле разни театралности, тривијалности, блудови, дури има и податок дека 168 година пред наша ера имепраторот Проп кој доминирал тука на овие простори ги забранил тие игри бидејќи имало премногу блуд. Чевствувањата кои потекнуваат од овие славења на Дионис и Бахус можеме да ги поврземе со развојот на лозарството и винарството и да дојдеме до Свети Трифун, денес го чествуваме Свети Трифун кој потекнува од тоа чествување од 18 век, каде го славиме како заштитник на лозарите и овоштарите. Но во Кавадарци Свети Трифун го слават и меанџиите.
Тоа е останато до денес.
Крстевски: Да, но денес имаме и чествување „Гроздобер“ во Тиквешијата, кој се одржува по повод ослободувањето на Кавадарци, но и по повод независноста на републиката. Тоа е славење кое трае 3 дена и каде доминира гроздот.
Да ја погледнеме поставката, која е наменета исклучиво за виното.
Крстевски: Повелете.
Почнуваме од овој дел каде што се шишињата.
Крстевски: Да, малку ќе се вратам назад во развојот на винарството и лозарството, да го кажеме и средниот век како поминал во Тиквешијата и што се случувало во тој период. Сакам да ве известам дека средниот век е карактеристичен дек Турците дошле тука, а второ лозовите насади се обработувале екстензивно, односно минимално и биле во рацете на црквите и манастирите во тоа време. Куранот не дозволувал користење на алкохол и имаме забрана за винарството и лозарството. Доаѓа до експанзија кон крајот на 19 век, 1885 година во Кавадарци фамилијата Велкови ја формираат првата винарска визба на Балканот, приватна винарска визба која се вика „Тиквеш“. Имаме и визит карта од тој период, имаме и етикети кои ги користеле во првата половина на 20 век.
Значи ова се оригинални вина и оригинални етикети?
Крстевски: Етикетите на долните шишиња се оригинал, а горните 3 шишиња се од фамилијата Велкови. Ова шише е од 1926 година, виното е исто од 1926 година за да може да го претставуваме тука. Другите 2 шишиња се со понов датум.
Тоа е најстарото вино?
Крстевски: Тоа е најстарото вино кое ние го имаме тука, инаку фамилијата Велкови има постари вина. Доминираат нивните вина и предмети во винскиот музеј на град Кавадарци. Фамилијата Велкови правеле разни видови на вина, бели, црвени вина, маџун, разни сокови од гроздот и сето тоа се случувало во првата половина на 20 век кога фамилијата Велкови направила експанзија за производство на вино и ракија, односно се зголемиле лозовите насади. Ова било и линија на фронотот во Првата светска војна 1914 година и поминувале француските војски од Северна Африка. Имаме и фотографии од тој период од Кавадарци во нашата архива, дури и камили поминувале тука. На чизмите на војниците се пренела растителна вошка на територијата на Кавадарци, тоа е Филоксера која ги напаѓа лозовите насади и во Кавадарци тие неколку години, до 1920 година тотално ги уништува сите лозови насади.
Како се обновуваат потоа?
Крстевски: 1920 година во Кавадарци се формира „Калемера“ во селото Трстеник за да се направи нов калем и да имаме нов расад на лозови насади и оттаму почнува развојот на лозарството во полн сјај, да се претстави Кавадарци во најдоброто светло. Зошто го кажувам ова, затоа што тогаш на неколку видови на калеми се донеле лозови насади од разни земји, од соседните земји и станале автохтони, бидејќи се прилагодиле на ова поднебје.
Фамилијата Велкови се овие тројца браќа, од кои секој си ја знаел својата работа. Тоа е приказната, еден ги обработувал лозовите насади, еден правел вино и ракија, а третиот бил трговец, бизнисмен.
Тука е и успешноста на целата приказна?
Крстевски: Да, одел во Солун да ги однесе своите производи за да ги продаде. Но тој толку го развил тоа што фамилијата Велкови почнала да прави размена и да носи назад од Солун метакса и узо на овие простори, каде се вршела и таа размена. Ова е муљачот од првата половина на 20 век на фамилијата Велкови, малку е среден, но и до ден денес работи. Ламја го викале, бидејќи во тоа време собирал еден кош грозје и ги задоволувал потребите, бидејќи од 50 до 70 илјади килограми грозје произведувала фамилијата Велкови во првата половина на 20 век, што е импозантна бројка за производство на вино. Овој казан може да собере 800 килограми комиње и да се направи ракија, значи толку вложувале во самото производство.
Дали другите предмети тука се исто така од фамилијата Велкови?
Крстевски: Тука е пресата која ја имаме, со која се добива маџун. Пресата се полни со грозје, се става на горниот дел дрва и со вртење на овој дел се пресира грозјето и се добива гроздов сок. Во Тиквешијата од гроздовиот сок со долготрајно варење правиме маџун. Имаме тука разни прскалки, но и германска прскалка од фамилијата Гркови од Ваташа од 1928 година.
Карактеристичен предмет во домаќинството била оваа направа која служела за правење на пуканки и била чест предмет во домаќинствата. Оваа направа е за печење кафе. Би се задржал на овој предмет, катарка за вино. Се смета дека во таа размена која ја вршеле фамилијата Велкови со другите фамилии, е донесена во Кавадарци од Солун. На неа има старогрчко писмо и година, 1812 година.
Начинот на градба на подрумите од куќите во Кавадарци е карактеристичен и самиот изглед на овој дел ни е направен од тие материјали и тоа глина, слама и трска, така што со овој уметнички начин на прикажување го доловуваме моментот на изградба на подруми на Тиквешијата во првата половина на 20 век.
Токму така, навистина кога се наоѓате тука е како во еден времеплов, да се вратите назад во времето и да почувствувате како изгледал животот тогаш во тие простории каде се чувало, се произведувало виното и нормално се конзумирало. А кога сме кај конзумацијата, пред да преминеме во другата поставка, да не бидеме многу сериозни, па би сакал да ве прашам, доаѓате ли некогаш во искушение да го отворите она шише од 1926 година и да пробате како изгледало виното?
Крстевски: Да, но имаме дадено завет на Коле Велков дека нема да го отвориме тоа шише.
Само едно е?
Крстевски: Тоа од 1926 е едно, а другите се понови вина, некаде 70ти – 80ти години и не знаеме какво е виното. Има ризлинг добар, тоа го знам сигурно, така да со Никола Велков имаме добра соработка.
Ова е етнолошкиот дел на музејот.
Крстевски: Се наоѓаме во таканаречената „Селска соба“, дел од селска куќа која го отсликува нашиот етнички предел Тиквеш. Доминираат предмети кои се изработени од дрво. Во оваа етнолошка соба доминира, како и во минатото, правењето на леб, затоа што луѓето не правеле секој ден леб, правеле 2 пати неделно и местото каде што се правело леб било доминантно, односно најчисто. Денес имаме предмети и места каде што се правел леб, текме го викаме ние тоа, карактеристичен назив во Тиквешијата, каде се вадела дел од фиоката и се користела за правење на леб. Ова е корито со лопатка, како се месел лебот, се ставало брашно, вода, квасец, се замесувало навечер и се остава да преноќи. Самиот предмет се вика ноќва. Рано утрото постарите жени со овој предмет, тарун се вика, го домесувале, го формирале лебот и го носеле на фурна да го испечат. Значи лебот бил доминантен во секојдневието на семејствата. Ова е соларник, солта била често користена, така што солта ја чувале внатре во тој соларник, како предмет кој е во таа карактеристична селска куќа.
Тука е и синијата.
Крстевски: Софтата, која била карактеристична во тој период, во првата половина на 20 век. На софрата доминирале предметите калница, дрвени лажици, катарка, вино, ракија. Ова е залупка, предмет кој служел за зачини во семејството. На самите паноа на оваа поставка имаме поставено и дел од народната носија. Сакаме да го прикажеме карактерот и оние бои кои доминираат во изработката на носијата во Тиквеш. Ова е народна носија која гравитира во село Рожден на Кожуф, но гравитира и во Мариово. Сандаците во минатото се користеле во секое домаќинство.
Што се чувало тука?
Крстевски: Во овој сандак се чувала невестинската носија, односно предмети кои треба да се однесат кај момчето, односно миразот. Значи разликуваме сандаци, ковчези и патувачки сандаци, кои се различни и за намена и за пригодата во која се користат.
Тука се наоѓа и градската соба.
Крстевски: Да, сакаме да направиме компарација за тоа како изгледале во првата половина на 20 век една селска куќа и граска куќа, така да повелете да ја разгледаме.
Овие предмети тука од кој период потекнуваат?
Крстевски: Овие се предмети од првата половина на 20 век. Морам да спомнам дека е ова семејно наследство на фамилијата Цветкови од Неготино. Внукот на Кирил Цветков, кој ги имал овие предмети како семејно наследство, ја напушти нашата држава и ни ги остави овие предмети на користење во музејот. Тоа е и целта на музејот, да може ние да го прибериме ова, да го заштитиме и да го презентираме и промовираме ова културно наследство пред пошироката јавност. Кирил Цветков е роден во 1892 година, учесник во Балканските војни и во Првата светска војна. Ја сакал многу уметноста и соборал предмети. Ова културно наследство го собрал во неговата куќа и го имале како декор во семејството. Импознатно изгледа за во тоа време и делеле од останатите фамилии. После ослободувањето, сѐ што е приватно станало општествено. Ова се кажувања на Кирил Цветков, внукот на Кирил Цветков роден 1972 година, кој ни ги даде предметите. Неколку предмети им се одземени, икони пред сѐ, полиенеј, односно дрвен лустер кој го користеле во семејството, како и некои други скапоцени предмети. 70тите години, на некоја документарна емисија, фамилијата Цветкови гледајќи ја, кај политичарот кој бил на самата емисија, го приметуваат нивниот лустер како и дел од предметите кои ги поседувале.
Кај тој политичар?
Крстевски: Кај политичарот, значи нивните предмети таму завршиле. Во поставката, односно во ова културно наследство доминира овој мебел каде што седиме ние, Отоман се вика. Отоман, потекнува од престолот на султаните во Отоманската империја, каде доминираат таквиот грандиозен стил на мебел. Самиот мебел со орнаментиката која ја има од тој период, самото гравирање на масата и столчињата, била дел од нивното семејство. Имаме футрола со перо за пишување, мастило, табакера која била дел исто така од декорот. Ова е дел наменет за жената, каде имаме кутија за накит, накит и имаме огледалце со предмети за чување на пудра. Ова е табак за дел од албум каде се чувале фотографии од семејството, исто така има добра резба, ова е од орев, значи фамилијата Цветкови посветувала големо внимание на овие предмети. Еве еден предмет кој докажува дека Кирил Цветков, дедото, оваа муниција, односно граната од Првата светска војна, ја искористил за правење на уметнички предмет. Во следните 2 витрини имаме предмети околу послужувањето на храна, послужување на алкохол, сребрениот сад за послужување на овошје доминира во тој дел. Предмети околу дегустирањето на кафе, мелницата за правење на свежо кафе. Во првата витрина стои оружјето од 18 и 19 век, каде доминираат јатагани, камата од 1908 година која ја користеле во четата на Дамјан Груев. Имаме и шпицеста Дебарка, кон крајот на 18 и почетокот на 19 век во Македонија, односно во градот Дебар се правеле едни од најдобрите пиштоли во тоа време, кои работеле со запалување на кремен камен, запалување на барутното полнење и исфрлање на куршумот. Биле дел од секојдневното “парадирање“ на тогашните сопственици на овие пиштоли. Ова семејно наследство ни го даде на користење на 5 години Кирил Цветков од Неготивно, со можност да го продолжиме тоа, а наша задача, како и на секој музеј е ние да ги собереме овие предмети, да ги обработиме, да ги средиме за да може да ги презентирами, но и да се зачуваат. Тоа е основната задача на музејот, да секој посетител да ја чуе приказната за оваа фамилија и да види со какви предмети се располагало во тој период од нашето живеење.
Се наоѓаме во еден дел од музејот кој го претставува производството на афион.
Крстевски: Кавадарци, односно Тиквешијата била позната на Балканот по производството на афион и катран. Огромни површини на афионови полиња биле засадени во Тиквешијата. Сакам да ви покажам како се добивало опиум, односно катран. Кога е зелен плодот, се засекува на еден ден навечер, а рано наутро се вади овој дел и се става во сад и се прават тие познати топчиња во Кавадарци, кои биле замотувани со лисјата од афионовото растение и се ставале во дрвени гајби. Дрвените гајби се носеле на таваните, бидејќи тие биле со поголем провев, во минатото не биле толку добро затворени таваните, имало провев и се ставал опиумот, односно катранот да се исуши. Што подобро исушен катран, бил поквалитетен, а тиквешкиот катран бил најпознат на Балканот гледано по тие опиумови единици, кои биле 18.6, како што за пишано во документите. Афионот имал голема експанзија во Тиквешијата и богатството на кавадарчани во тој период се мерело кој колку топчиња имал. Дел од производството на катранот служело за носење во фармацевтската индустрија, во „Алкалоид“ во тоа време, каде се правеле лекови. Исто така од самото семе на афионот во Кавадарци се добивало и шарлаган, односно масло за јадење.
Крстевски: Ова е спомен соба на доајенот на македонската изворна песна, Никола Бадев, роден во селото Глишиќ, во непосредна близина на Кавадарци. Растен во земјоделско семејство, но и растен меѓу луѓе кои имале осет за музика. Дури имаме и анегдота, Васил Хаџиманов му ги дал првите тактови на хармоника за да Никола Бадев ја започне неговата кариера. Ова е спомен соба во која имаме фотографии, хронолошки наредени се до неговата смрт, имаме 2 витрини со лични предмети, народна носија која доминира во ова негово катче, а исто така и статуата која е дел од оваа спомен соба. Никола Бадев е познат по неговиот кадифен глас, на секое чествување тоа го презентираме, дури има и фолклорни групи од Кавадарци кои го негуваат ликот и делото на Бадев и одржуваат концерти секоја година. На годишнината од неговата смрт правиме настани каде го презентираме животот и делото на Никола Бадев. Во оваа витрина имаме лични предмети, во која доминираат негови тетратки, односно записите од неговите 220 песни. За секоја од тие 220 песни има извршено комплетен аранжман. Часовник кој во тоа време бил доста скап, килибарот, односно бројаниците кои ги имал, како и инструменти кои ги свирел во тоа време, тамбурата, гитарата. Тука се и неколкуте пасоши, бидејќи многу патувал и за секое патување правел архива, фотографирал, снимал, направил своја архива која ја зачувал и сега се работи за културно наследство. Фотографиите ни кажуваат дека на секој настап сакал да настапува во народна носија, го сакал изворното во неговиот живот, а така и живеел.
Она што сакам да прашам и што е тука интересно е камерата и фотоапратот. Дали можеби има останато негови снимки и фотографии кои тој лично ги правел, па денес да ги дигитализираме и да ги прикажеме во јавноста?
Крстевски: Има, има и прожектор на кој лентите ги гледале во склоп на семејството, а ние ги чуваме тука тие снимки кои се дел од неговите настапи и се пренесени, односно снимени на тие ленти. Ги имаме сите оригинални снимки, а имаме и винилски плочи во оваа наша поставка, но заштитени ни се сите песни, оригинални се ставени на ЦД со цел да ги зачуваме. Има и грамофон тука, но не можеме да го користиме за да ги слушнеме оригиналните снимки кои тој ги поседувал. Првиот настап бил во радио телевизија Скопје во 1951 година. Неговите ќерки, гледајќи дека сакаме да го претставиме Кавадарци ни ги дадоа овие предмети. во последната трибина имаме признанија добиени за време на неговиот живот, но и постхумно. Доминира медалот кој пред 2 години ја додели претседателот на државата за „Исполнител на традиционална македонска народна песна, заслужен граѓанин“ и таа стои во музејот за да можеме да ја презентираме.
Ова е последниот дел од овој музеј, спомен собата на уште еден музички доајен тука од Кавадарци, Васил Хаџиманов.
Крстевски: Да, Васил Хаџиманов е роден во Кавадарци во 1906 година. Основно и средно училиште завршил во Кавадарци, Велес и Скопје. Пројавил афинитети кон музиката, но првото негово осознавање било во рамките на фармацијата, поради што и се запишал на фамрацевтскиот факултет во Загреб во 1930 година. Дипломирал 36та, магистирал 38ма. Бил меѓу првите фармацевти во Македонија во тоа време. Познат е и по тоа што е првиот етномузиколог од овие простори во Македонија и ја сакам многу музиката. Има една анегдота како се откажал од фармацијата, која ја кажуваат на фармацевтски факултет, доаѓа една жена со рецепт да го земе лекот, го дава на Васил, Васил го зема рецептот, го гледа и ѝ дава лек. По 5 минути од тоа Васил сфатил дека дал сосема друг лек и почнал да размислува дека не е за аптекар, за фармацевт, дека сака да свири. Во Кавадарци во 1938 година формира фолклорна група која сака да ја претстави традицијата секаде каде што патуваат. Со фоклорната група, го претставува фоклорот од регионот Тиквеш насекаде низ Балканот. Почнал да има и настапи со пеење, а освојувал и награди. Освен што завршил фармација, тој се запишал и вондерно на виша педагошка школа за музика на Музичката академија во Скопје и ја завршува. Станува музички уредник на радио телевизија Скопје, учествува во разни театарски претстави, снимање на филмови, документарни филмови итн. Генијалноста на Васил Хаџиманов е што во неговиот живот собрал 8.000 народни песни и сите тие песни ги запишал со ноти и со текст и се чуваат во Архивот на Македонија. Дел од нив, неколку стотици се обработени во 4 книги кои ги имаме тука, презентирани да видиме кои се тие песни, со која тематика. Сигурно таму има и борбени песни, партизански песни, трудољубиви песни како дел од традицијата на Македонецот. Од овие 8.000 песни, 800 песни се албански песни снимени и обработени во населени места и градови низ Македонија. Интересно за 1963 година, освен што 26 јули е трагичен ден со земјотресот во Скопје, е тоа што тој во тоа време пројавил идеја да она што е традиционално и што го карактеризира Македонецот да го пренесе, да го зачува духовното пред се. Мајките, луѓето кои ги оплакувале покојниците ги снимал со овој магнетофон, стоел настрана и ги снимал, со цел да ги сними тие тажачки, или тажни песни. Но тие имаат содржина, се искажува животот на покојникот и како го завршил животот до тој ден, на повеќе од 1.000 луѓе. Сакам да напоменам како дојде до идеја да овие предмети ги добиеме ние, Зафир Хаџиманов, неговиот син на покана да го посети музејот ја виде оваа соба во тој момент дека е празна и му дојде идеја сите предмети кои ги има од неговиот татко да ги подари, да ни ги даде нас да ги чуваме и да останат тука. Зафир Хаџиманов почина за време на короната и некои работи кои како идеја што ги имавме не ги завршивме, но денес во музејот доаѓа неговиот внук Васил Хаџиманов Јуниор, кој е џез музичар, живее и работи во Белград, кој доаѓа тука со идеја да собираме и други предмети, да добиваме други предмети, но овој пат од Зафир Хаџиманов.
Тоа е приказната за овој музеј која сакаме да ја претставиме пред пошироката јавност, а тоа е храната, виното и музиката, сето она што го карактеризира наше Кавадарци, Тиквешијата, но е и еден концепт на нашата постојана поставка, концепт на музејот „Куќа на мирис и вкус“.
Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2025 година.