Жители од Самоков нѐ контактираа со проблем кој што го имаат подолг период, а ниту една од институциите не сакаат да излезат во пресрет и да понудат решение. Имено, секојдневно веднаш до нивните домови врват тешки камиони полни со огревно дрво, кои што прават оштетувања врз имотот.
„Денес ве контактирав за проблем кој ми се создава по приватниот имот – куќата каде секојдневно движат тешки товарни возила за кој од никого не добиваме ни помош, ни слух, ни разбирање, ниту пак некоја институција нуди решение . Не лутина и бес, веќе доживуваме големо разочарување од нашата држава, татковина, како сакате речете“, вели Сара Богеска, жител на Самоков.
Камионите поминуваат по селски пат кој не е воопшто наменет за тешки возила.
„Поминуваат низ пат кој не е наменет за нив! Изграден е во 1968 за потребите на соседното село, пола од патот поминува низ нашиот приватен имот. Мојот дедо и нашите соседи и роднини дале согласност да тој пат врви тука во минатото. Имаме и изјава потпишана од нивната тогашна месна заедница. Но за мали возила, полиција, брза помош (која никогаш нема ни поминато на пример) итн…. а не за огромни камиони. Па ова го нема никаде во светот. Се знае што е маалски пат, што е шумски пат, што е автопат. Јас навистина не можам да разберам, ем ништо не е регулирано, ем врват дословно низ приватен имот…тоне земјата, цефки ќе попуштат и темели и сѐ. И не можам да разберам како никој нема надлежен, загрижен, одговорен, ама баш никој за да се преземат мерки, да си бараат нови шумски траси, да си направат своја рута за транспорт на богатството од шумата!!“, вели Богеска.

„Кога се враќа полн камионот, значи буквално верувајте една грешка и може да настане штета од големи размери. Како на пример да се преврти во нашиот дом и одземе животи. Бидејќи патот е тесен, кревок и навистина не е за нив. Не е и не е!“, додава Богеска.
Постојано се пријавува во сите надлежни институции, но ниту една досега нема реакција по даденото прашање.
„До сега имам реагирано до Шумско претпријатие во Македонски Брод, потоа Општина Македонски Брод со жалба, Совет на Општина Македонски Брод со жалба, Народен Правобранител, Државен Шумарски Инспекторат – главен инспектор и дополнителни инспектори. Потоа жалба испратена до Министерство за земјоделство, водостопанство и шумарство… Единствено по претставката од Народен правобранител испратена до Општина Македонски Брод излегоа на терен две лица да извршт увид, воочија штета и измерија пат со ширина од 3.2 метри за што Општината нема ништо преземено“.
„Никој не застанува да се противи. Ако протестираме и се браниме, на крајот сме ние пријавените од страна на шумско. Им правиме проблем во транспортот. Иако врват низ нашиот двор што се вика.. Се е поврзано, се е корумпирано. Кога нешто ќе пријавиш (во полиција, во обвинителство, во општината…) некаков проблем, во нормалните земји каква и да е процедурата, се ПРЕКИНУВА и се истражува, се испитува… се бара решение корисно за граѓаните/селаните. Овде, во нашиот случај , 4-5 пати беа сликаа, снимаа, КОНСТАТИРАА дека патот е тесен а решение никакво не добивме дека им забрануваат. Камионите како ништо да не се дискутирало, како да нема никаков проблем, секој ден си поминуваат си ги носат своите тури. Тотално игнорирање. Па ова е жалосно. Јас сум тотално разочарана“, истакна Богеска.