Културниот и едукативен центар „Небрегово“ во Спомен домот на Блаже Конески кој што се наоѓа во неговото родно село Небрегово ја промовираше книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“. Во книгата се содржани 20-тина трудови кои што се посветени на ликот и на делото на Блаже Конески, а се поврзани со 80 годишнината од македонскиот стандарден јазик.

„Во рамките на оваа манифестација ќе биде доделена и наградата „Зборот на Конески“ на дел од учесниците во оваа манифестација и дел од соработниците на КЕЦ „Небрегово“, тука пред се мислам и на Фестивалот на народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“ од Долнени со кого имаме воспоставено блиска културно-туристичка соработка. Ние сме биле во Долнени тие сега се тука. Тоа е уште еден показ и доказ дека Спомен домот на Блаже Конески во Небрегово е културен и едукативен центар и дека навистина заслужува да биде посетен од ученици, студенти, професори од државава и странство, како што тоа и го правимево други пригоди, а тоа е забележано и во книгата за впечатоци што ја има внатре во Спомен домот“, истакна Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“.
За да се зачува македонскиот јазик, треба секој од нас да придонесе со почитување на нормите на стандарниот јазик и правописот.
„Како во други земји оној што настапува јавно и зборува на дијалект или разговорна форма се смета за неписмен. Кај нас никој не води сметка за тоа кој како зборува, колку го почитува јазикот, односно нормите и стандардот на јазикот. Ако зборуваме секој кој како ќе стигне го расипуваме јазикот самите ние. Нормално е дека јазикот со текот на времето се менува само по себе, тој не е ист како оној пред 50 години, па и 10 години поназад, секоја генерација нешто менува, но културата на говорот и почитување на стандардот се норми во секое цивилизирано општество“, рече Максим Каранфилоски, претседател на Собранието на КЕЦ „Небрегово“.
Едни од наградените со Наградата „Зборот на Конески“ беа и од Фестивалот за народни песни и инструменти „Пеце Атанасоски“.
„Еве веќе втора година откако потпишавме декларација за соработка помеѓу КЕЦ „Небрегово“ и „Пеце Атанасовски“. Двата настани на двата великани од ова плодно поле, како што е Пеце Атанасоски за народните инструменти, тоа е Блаже Конески за литературата и македонскиот јазик. Навистина е голема чест да се соработува со оваа манифестација. Како и минатата година првонаградениот на „Зборот на Конески“ настапи со своја творба на Фестивалот Пеце Атанасоски, а првоградениот гајдаџија на „Пеце Атанасоски“ настапува на „Зборот на Конески“, додаде Горан Василески, претседател на Собранието на Фестивалот „Пеце Атанасоски“.
Учениците кои беа присутни на манифестацијата истакнаа дека младите малку внимание посветуваат на македонскиот литературен јазик.
„Јазикот кај нас помладите не го негуваме толку многу ама како писателка пробувам да разговарам со децата од мојата генерација, да го развијаме тоа чувство за нега на нашиот јазик. Бидејќи кај нас е многу заостанато да имаме активности со читање, пишување и многу од младите се срамат да го изразат талентот кој го имата во нив, но што повеќе имаме активности, еве на пример мојот клуб организира читања, објавуваме зборници, еве сега имавме и „Поетско Маркукуле“ каде имаше дојдено доста млади и преку тоа ги мотивираме сите млади кои пишуваат да продолжат да пишуваат и јавно“, изјави Мила Најдоска, ученик од Прилеп.
Јазикот е нашата татковина е позната мисла на Блаже Конески, еден од кодификаторите на современиот македонски литературан јазик и втемелувач на Македонистиката. Инаку промоцијата на ова издание е дел од програмата со која цела годинава се одбележуваат 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.