КУД „7 Септември“ од Македонски Брод по повод својот патрон празник го одржа годишниот концерт на кој членовите од ова Здружение се претставија пред многу бројната публика. Друштвото брои 80-тина членови поделени во различни групи и категории, а во состав на културно уметничкото друштво функционира и оркестар.

„За овој концерт се подготвувавме месец дена, но ншата работа е активна преку целата година. Земаме учество на сите манифестации во нашата држава, а имаме гостувања и во странство. Имаме добиено голем број награди и признанија за нашиот фолклор, за изведна на сцена, за ревии на народни носии итн…
Дали сакаат младите да го продолжат фолклорот, традицијата?
Да во нашиот град младите земаат активно учество во фолклорот, имаме голем број на подмладок“, истакна Даница Ацкоска, в.д. директорка на Дом за култура во Македонски Брод.
Членовите на КУД „7 Септември“ се претставија како со народни ора повеќе карактеристични за Поречкиот крај, така и со народни песни. А интересно беше што освен песните и ората се претставија и неколку народни обичаи. Радува фактот што Македонски Брод е регион каде огромен дел од младите ја почитуваат македонската народна песна, фолклор и традиција.
„За овој концерт ние се подготвувавме околу 1 месец. Цела година имаме голем број проби.
Зошто се одлучивте за народната музика и фолклор?
Мене ме привлекува традицијата, песните, ората, убавината на Порече и Македонија.
Колку вашите врсници го следат македонскиот фолклор и етнос?
Тие што почитуваме сме сите тука, а тие кои немаат шанса да бидат дел од овој настан ќе не следат од публиката“, рече Искра Ристеска, член на КУД „7 Септември“.
„Ние сме сестри, заедно се запишавме во друштвото и не привлекува љубовта кон традицијата и фолклорот. Убаво е чувството да играш и да се почитуваш себеси. Нашите врсници сакаат да се дел од вакво здружение и ни е мило што сме дел од него. Освен во тука настапуваме во скоро сите градови, Битола, Ресен, Кичево, Скопје, на ТВ емисии како Качамак, потоа бевме и во Србија и на полно други места“, рекоа двете сестри Дуи Демова и Хамин Демова, членки на КУД „7 Септември“.
„Денеска ќе се претставиме со многу ора, ќе имаат настап и големите и малите. Ората се претежно од Поречкиот крај“, додаде Роберта Костадиноска, член на КУД „7 Септември“.
„Доаѓам од село Сланско од Македонски Брод и јас многу ја сакам мојата македонска народна песна и ќе се претставам со Ајде да одиме Јано“, кажа Мехмеџан Алии, член на КУД „7 Септември“.
„Малешевка, Лазаренки, Тресеница, Чумата се само дел од ората со кои ќе настапиме. Кај македонската музика ме привлекува тоа што е весела, го разигрува срцето“, истакна Евгенија Секулоска, член на КУД „7 Септември“.
Инаку КУД „7 Септември“ постои од 1981 година, а ова е датумот кога М. Брод се ослободил од фашистичкиот окупатор.