Нова стремежна пловидба низ пишаниот збор – објавен новиот број на Стремеж

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Од печат официјално излезе најновото издание на списанието за литература, уметност и култура Стремеж, кое е дел од литературно-издавачката дејност при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Овој прв број во 2025 година, едновремено е и прво издание уредено од новата уредничка редакција на списанието – Александар Војнески (главен уредник), Владимир Мартиновски (уредник), Давид Стојаноски (уредник), Наташа Атанасова (уредник) и Виктор Јованоски (технички уредник).

Дизајнот на насловната страница е на Катерина Трајановска, а јазичната редакција (лектура) на Христина Ангелеска-Мијоска.

Новиот број на Стремеж содржински донесува авторски дела и препеви поделени во неколку блока.

Во поетскиот блок на авторска поезија се застапени: Владимир Мартиновски со седум зооминијатури (Џебен бестијариум) – Гуштер и камен, Полжав без дом, Комарец, Пеперуга, Гласот на паунот, Мачја песна и Песја песна, Ана Стојаноска со три песни – Отпосле тишината, [Не]мирна и Вистина, Миладин Угреновиќ со три песни – Писание, Чекање и Мисла, Цветанка Невчева со три песни – Погрешни ноти, Биди добар човек и Анатомија на чувствата. Во блокот со препеви/преводи се застапени: францускиот поет Лорен Грисон со седум песни, избор и препев на Владимир Мартиновски – Шепотот на живите, Аргонаут, Знак на еднаквост, Сок, Да се заврти сводот, Бело и Концерт, рускиот поет Николај Гумиљов со две песни, избор и препев на Елена Карпузовска – Жирафа и Папагал, полската поетеса Кажимјера Илаковичувна со четири песни, избор и препев на Звонко Димоски – Кога ќе проникне изворот, Исповед, Предупредување и Очекување, чешкиот поет Јан Скацел, избор и препев на Диме Митревски – Краток летен опиц, Молитва, Мали станици и Тажалка и бугарската поетеса Поли Муканова со две песни во препев на Зоран Јакимоски – 48 часа и Во центарот на станицата.

Со прозни дела се застапени: Александар Доневски со два раскази – Елипса и Самсара и Петре Димовски со По беспатјето до животот – завитка во вреќа од волна.

Во драмскиот блок интегрално е објавена монодрамата Ложа од Марио Стојаноски.

Со блокот посветен на критики, есеи и студии се застапени Никола Пијанманов со неговиот ликовно-уметнички осврт Сенките на Гоја и Кирил Бисероски со филозофско-естетичкиот есеј Клајновото уметничко дело – меѓу естетиката и идеологијата – вели уредникот Александар Војнески Еленин.

Од редакцијата најавуваат дека до крајот на 2025 година ќе излезе уште еден, засебен, втор број на Стремеж.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми