Ротари клубот од Прилеп донираше 21 прочистувач за воздух од реномиран светски производител за двете најголеми градини во Прилеп, „Аличаир“ и „Бончејца“. Вкупната донацијата е околу 8.000 евра, а парите се собрани од 10-тина правни и физички лица. Целта е да се има почист воздух за најмладите во Прилеп.

„Светската здравствена организација во 2024 година констатирала дека во Македонија за двојно повеќе се надминуваат концентрациите на суспендирани честици во внатрешноста на градинките и училиштата од она што е утврден праг или дозволен праг на концентрација на суспендирани честици. Овој факт многу нѐ загрижи и дополнително нѐ загрижи фактот дека УНИЦЕФ нашол и го нотира тоа во своите извештаи дека 11,2% од вкупниот број на смртни случаи на деца под 1 година во Македонија се должи буквално на загадениот воздух. Ние имаме загаден воздух и надвор и во внатрешноста на градинките и училиштата и тоа е нешто фрапантно и треба да не натера да размислуваме проактивно и да бараме решенија“, истакна Орде Ѓорѓиоски, претседател на Ротари клубот од Прилеп.
„Најпрво сакам да се заблагодарам на Ротари клубот затоа што ни помогнаа да ги подобриме условите за престој на децата од предучилишна возраст. Ова е уште еден момент со кој се разубавува животот на децата од предучилишна возраст кои се згрижени во нашите институции“, додаде Христина Трпческа, директорка на градинки „Наша иднина“ во Прилеп.
Од Општина Прилеп информираа дека обезбеделиле големи прочистувачи за воздух за уште две други градинки во Прилеп.
„Во ова време на глобално загадување на воздухот и општо на животната средина и тоа како е многу важно вака да им помогнеме, односно да им сугерираме на семејствата кои ги довериле своите дечиња од предшколска возраст дека им обезбедуваме грижа, но воедно и да дишат чист воздух. Преку владини проекти обезбедивме донација и на уште 2 големи градинки, во институцијата „Наша иднина“, со многу поголем капацитет, кој генерално обезбедуваат прочистување на воздухот во холовите, салоните, некои поголеми простории“, потенцираше Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
До 30 јуни 2026 година Ротари клубот од Прилеп планира со вакви прочистувачи за воздух да опреми уште две градинки во Прилеп.