Во недела ќе се одржи петтото издание на рекреативната и едукативна „Вело тура за култура“

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Оваа година ќе се одржи петтото издание на рекреативната и едукативна велосипедска тура „Вело тура за култура“, чија што основна цел е посета и промоција на прилепските споменици на култура, археолошки локалитети и музеите со нивните поставки, притоа спојувајќи го сето тоа со спорт, рекреација и здрави навики на живот, или во случајов велосипедизмот.

Ова веќе традиционално издание на „Вело тура за култура 5“ ќе биде посветено на историското минато и периодот од народноослободителната борба, кои што се исклучително значајни за градот Прилеп. Во склоп на истата ќе бидат посетени „Участакот“ и споменикот на паднатите борци во близина на манастирот „Свети Никола“ кај село Прилепец.

Турата ќе започне од центарот на градот, со посета на Участакот, кој за време на Втората светска војна во периодот од 1941-1944 година служел како бугарска полициска станица, а подоцна и полициска станица на македонските сили, за во 1952 година да биде претворен во Музеј за народноослободителната војна. Овој музеј е симбол на македонското востание и желбата на македонскиот народ за создавање на своја сопствена самостојна држава. Денес објектот е поделен на 3 сали, со поставка на 236 метри квадратни, каде што можат да се видат голем број на документи и фотографии од тоа време, импровизирани простории, оружје, а тука е и копијата од Орденот за Град Херој на Прилеп, кој го доделил маршалот Јосип Броз Тито за придонесот кој Прилеп го имал за време на Втората светска војна за ослободување од фашистичкиот окупатор, со 650 жртви и 10 народни херои. Повеќе за значењето на овој објект и за народноослободителното движење во Прилеп за време на Втората светска војна ќе биде презентирано од страна на стручно лице при Завод и музеј Прилеп.

На 19.12.1942 година во битка против бугарскиот фашистички окупатор кај селото Прилепец својот живот за слобода на Македонија го даваат народниот херој Киро Нацевски – Фетак, Борка Спасески – Влачарот, Стеван Базерко – Лански, Стеван Димески – Ништакот, Димче Мирчески – Бањарот, Гога Јанкулоски – Бедов, Трајче Најдоски – Соколе, Бошко Јосифоски – Корчагин и Методија Бошкоски – Ѓурчин. Во знак на почит кон загинатите борци на партизанскиот одредот „Ѓорче Петров“ во 1977 година подигнат е споменик, дело на скулпторот Борис Николоски. Исто и тука, повеќе околу битката и спомен обележјето ќе биде презентирано од страна на стручно лице при Завод и музеј Прилеп.

„Стартот на турата е од центарот на градот, пред самиот „Участак“. Од 09:00 до 09:30 часот предвидено е пристигнување и пријавување на учесниците. Во 09:30 часот предвидена е посета на поставката и предавање од страна на стручно лице кое би траело 20-тина минути. Во 10 часот предвидено е старт на самата тура кога се упатуваме кон манастирот „Свети Никола“ кај село Прилепец.

Станува збор за средно тешка тура која што би требало да ја извози секој со нормална физичка подготвеност. Турата е долга 23 километри, со 400 метри елевација и е 100% асфалт, што значи може да се вози со било каков велосипед. Околу патеката, се движиме од градот кон село Волково, до црквата „Света Петка“, каде што ќе има пункт за освежување на учесниците. По кратката пауза се упатуваме до манастирот „Свети Никола“ во чија непосредна близина се наоѓа споменикот каде што повторно ќе има пункт за освежување. По краткото предавање и пауза се упатуваме повторно кон Прилеп каде што и завршува турата. Времетраењето на самата тура зависи од физичката спремност на учесниците.

На оваа тура секој учесник вози на сопствена одговорност. Потребни се исправен велосипед и кацига. Ќе има определени водичи кои што ќе бидат на почетокот и крајот на групата чии насоки ќе бидат задолжителни.

Се гледаме на 5 октомври на петтото издание на „Вело тура за култура“!“, велат организаторите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми