На 6 октомври 2025 г, понеделник од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп ќе биде отворена изложбата „Падот на ангелите“ од уметникот Никола Пијанманов.
Изложбата е поддржана од Министетството за култура и туризам.
„Уметноста не како последен бастион на креативноста и слободата на духот, туку како веќе единствена рефлексивна длабочина во која можеме бескомпромисно да си ги огледаме стврднатите души и прегорените емоции.
Последен подвиг за кој треба карактер, доблест и целосно скротена суета. И во тој морничав огледален одраз ќе ги видиме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината.
И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат“, вели Александар Еленин за изложбата од уметникот.

Никола Пијанманов е роден во Струмица.
Образование:
– Средно Уметничко Училиште „Лазар Личеноски“( 1996 -2000 ) Скопје
– Факултет за Ликовни Уметности Св. Кирил и Методиј (2000-2005) Скопје
– Дипломирал во класата на професорот Рубенс Корубин 2005 год.
Реализирал самостојни изложби во Струмица, Скопје, Велес, Куманово, Прилеп и во Хрватска, додека групни има во земјава и во странство.
Студиски престој во Париз во Cité internationale des arts јули/август 2022 год. Резиденцијален престој во Њујорк август 2024 год.
Учестувал на повеќе колонии, а изработил повеќе сценографии, дела во јавен простор и фрескоживописи.