Откупот на тутунот за новата реколта започнува за 10 дена. Според Сојузот на тутунарски здруженија годинава се очекуваат некаде околу 22 милиони килограми, или за 2 милиони килограми помалку за разлика од лани. Но годинава квалитетот бил далеку подобар, поради што тутунарите очекуваат повисоки цени. За годинава според договорите прва класа е 420 денари.Од Сојузот уверуваат дека тој ќе биде платен повеќе од лани, но не откриваат колку. За тоа можеби зборува и бројката на ваги 337, рекордно до сега, што само по себе зборува дека ќе има вистинска трка кој ќе откупи повеќе тутун.
„Откупувачите очекуваат 26 милиони килограми на тутун, меѓутоа јас викам како среќа да има толку, но нема. Јас мислам дека има 22 милиони килограми. За со цените се уште сме во преговори, не можам сега да откривам детали во овој момент, но уверувам дека тој ќе биде поскапо платен од лани“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија на Македонија.
И тутунопроизводителите очекуваат повисоки цени затоа што родот бил со подобар квалитет. Количини биле намалени, но сепак есенските дождови им ја вратиле надежта за поголема заработка.
„На почетокот засадивме поголема површина, но сушата беше многу голема. И не очекувавме дека ќе имаме зголемување на тутунопроизводството. Но со зголемувањето на врнежите ова есен се зголеми производството за 10 до 15%. Требаше да има м околу 3 тони на тутун, а сега очекувам омколу 3,5 тони на тутун. И очекуваме повисока цена од лани, бидејќи квалитетот е далеку подобар од лани“, рече Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од Житоше.
Според новите Законски измени се забранува увоз на тутун се додека не се откупи и последниот лист домашен тутун. Но каква ќе биде цената ќе се знае за 10-тина денови.