Прилеп е прогласен за најинклузивната општина во Македонија и општина која нуди најголема социјализација на лицата со попреченост. По повод Меѓународниот ден на овие лица – 3 Декември денеска се одржа свечена програма во Центарот за култура како и во најстариот Дневен центар за лица со попреченост во Македонија – „Ѕуница“, кој годинава одбележа 23 години постоење. Прилеп е Општина и со најголем број образовани асистенти во основните и средни училишта, вкупно 52.
„Како општина предничиме и не случајно е дојден тој сертификат кој ни е даден за Најинклузивна општина, затоа што и пред воведувањето на обврските што ги имаме со Законот, ние како Општина направивме исчекор 4 години со средства од основниот буџет ангажиравме образовни асистенти за децата, затоа што ги слушнавме потребите за овие деца во средно образование кои немаа досега законска можност да имаат сопствен образовен асистент“, исткна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Од Дневниот центар „Ѕуница“ и Центарот за социјална работа истакнаа дека двата дневни центри кои ги има Прилеп овој и Дневниот центар за лица со церебрална парализа, згрижуваат вкупно 28 лица, што е малку, потребите се далеку поголеми и се надеваат дека со општинска и државна помош ќе се отворат повеќе вакви центри.
„Барања има, но има листа на чекање која што не е така многу голема, но се обидуваме да одговориме максимално на потребите на граѓаните. Потреба има од проширување, капацитетите и на овој дневен центар и на другиот доколку би се прошириле во постоечкиве капацитети, во смисла на нови вработувања, тогаш би можеле да одговориме многу повеќе. Сега, со овој кадар со кој располагаме сметам дека капацитетите се максимално исполнети“, рече Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјална работа Прилеп.
„Се надеваме дека идната тековна 2026 година ако се зголеми бројот на персоналот ќе можеме да одговориме на повеќе барања за вклучување на други корисници. Моментално како персонал ги задоволуваме потребите на корисниците, значи имаме социјален работник, дефектолог, имаме 2 медицински сестри, двајца технички персонал, а постојано имаме поддршка од Општината со стручни лица од општествено одговорни компании, имаме поддршка од волонтери, од Црвениот крст, така да покриени сме“, додаде Снежана Јошеска, коордиантор, социјален работник во Дневниот центар за лица со попреченост „Ѕуница“.
На прославата во Прилеп имаше и гости од Италија од Центарот за инклузија во спортот со седиште во Бари.