Откупена е скоро целата реколта на тутун од 2025 година, односно до Нова Година се откупиле 23 милиони и 144 илјади килограми на тутун. Според Сојузот на тутунски здруженија на терен и имало уште околу 1 милион килограми. Целиот тутун се откупуваше во една класа по цена од 420 денари за килограм.
„За мене е изненадувачи брзо меѓутоа помогнаа и временските услови, декември месец релативната влага беше висока, имаше услови за домашната манипулација да се стигне многу побрзо. А веројатно и на компаниите им треба тутунпт и затоа го прибраа многу брзо. Така што мислам дека има останато уште еден милион до максимум 1,5 милиони килограми, но би апелирал до тутунопроизводителите да почекаат на овие ниски температури, максимално да им се исуши тутунот и да си го предадат. Да не брзаат откупот трае до 28 февруари“, истакна Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
Тутунарите претходно бараа повисоки цени, а дел од тие барања одеа и до таму тутунот да се плаќа и по 600 денари за килограм. Во моментов во тек се измените на Законот за тутун, каде тутунарите ќе бараат конечно да биде внесен делот каде без нивна согласност нема да може да се носат цените за идната реколта.
„Се фокусираме на измени за скратување на откупот на тутунот, враќање на ингеренциите на Сојузот на тутунски здруженија, олеснување на постапката за полагање на повереници, односно да може носителот на договорот да го користи и потесното семејство, тие се најважните за нас закони кои треб да се донесет што е можно побрзо“, додаде Ристески, претседател на Сојуз на тутунски здруженија.
После 15 јанури веќе започнуваат разговорите на Сојузот на тутунски здруженија со сите откупувачи за цените за реколта 2026-та.