По повод годишнината од раѓањето на Тоше Проески неговата сестра Дора и годинава сподели фотографија од роденденска торта посветена на својот брат – бела торта со елегантни златни детали, украсена со бели ангелски крилја и свеќички со бројката 45, симболичен потсетник на роденденот што Тоше денеска ќе го славеше.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во во Прилеп, а потоа живее во Крушево. Неговите родители уште во раното детство го препознале музичкиот талент и го насочиле кон уметноста. Како дете настапувал на фестивалите „Златно славејче“ и „Мелфест“, уште пред официјално да ја започне својата музичка кариера.
Професионалната музичка кариера ја започна во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде победи со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапи и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлече вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата беше настапот на „Скопје фест“ во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Во 1999 година го објави деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следуваше период на интензивна продукција и бројни концерти. Во 2000 година настапи на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовира и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи хитови.
Во наредните години, кариерата на Тоше доби регионална и меѓународна димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици. Особено значаен момент беше победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, со што се позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, освојувајќи го 14. место во финалето.
Тоше соработуваше со бројни истакнати автори и изведувачи од регионот, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Антонија Шола и Тони Цетински. Неговата дискографија остави длабока трага, а албумот „По тебе“ се смета за едно од најуспешните поп-изданија на Балканот.
Во 2004 година Тоше Проески беше именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а песната „За овој свет“ стана симбол на неговиот хуман ангажман. До крајот на животот одржа бројни хуманитарни концерти, а неговиот последен голем настап се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, посветен на образованието.
Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, во Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.