Мицкоски: Нема уставни измени без почитување на правата на Македонците во Бугарија и гаранции од ЕУ дека нема нови отстапки

Facebook
Twitter
Email
Print

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш порача дека нема да има уставни измени сè додека не бидат, како што рече, исполнети најмалку два услова – загарантирани права за македонската заедница во Бугарија и гаранција од Европскиот совет за македонскиот народ и држава дека тоа ќе биде последната отстапка и дека веќе нема да има нови билатерални вета, омаловажувања, понижувања и опструкции од кој било од субјективни причини, нови придавки и додавки поврзани со Македонија и македонскиот идентитет.

Мицкоски од собраниската говорница истакна дека е подготвен да оди до крај и за ова побара поддршка од сите политички субјекти повикувајќи ги пратениците да донесат заедничка резолуција со единствен, државнички став.

„Уставни измени нема да има додека сум јас премиер ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права во согласност со меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права, не барам да се менува Уставот. Вториот услов е – гаранции за нашиот македонски идентитет дека нема повеќе да има билатерални вета и дека нема веќе никој оваа држава, која многупати докажала и покажала дека сака да биде дел од европското семејство, понела жртва како ниедна друга земја, како и овој народ и овие граѓани како ниедни други во Европа поднеле жртва, дека нема повторно да имаат нови омаловажувања, понижувања и опструкции од кој било од субјективни причини. Вие треба да нè поддржите. Замолувам да нè поддржите зашто сè додека имате ваков став, некој таму ќе гледа дупка овде и ќе речат „таму има меко ткиво, пушти го овој Мицко што зборува, тој ќе биде уште неколку години премиер и ќе си оди, па ќе дојде некој, ќе најдеме меко месо и ќе ја протуркаме работата“. Тоа не е добро однесување и треба сите заедно да донесеме резолуција во која ќе имаме еден државнички став дека без овие два-три процеси минимум нема да правиме какви било отстапки во иднина за која било тема“, нагласи премиерот обраќајќи му се на пратеникот Скендер Реџепи, кој го постави прашањето за уставните измени.

Мицкоски потенцира дека некогаш мора да се покаже карактер.

„Во спротивно, ќе бидете мивка, а тие лошо завршуваат порано или подоцна. Затоа, Реџепи, ве замолувам, заедно со колегите тука, да донесете резолуција во која ќе ги дефинирате вистинските принципи. Треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, Горна Џумаја, Сандански, Пирин, зашто според пописот во 1956 година тие биле 200.000 или две третини од вкупното население, а потоа магично на пописот во 1965 година стануваат 9.000. И тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на кој особено се гордее. Им се одземаат правата на културна автономија, да општат и зборуваат на својот мајчин македонски јазик, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Тие сега бараат само ОМО „Илинден“ – Пирин да биде организација што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа? Не е многу. Исто како оние во Поградец, кои отворија канцеларија во Тирана, и секоја чест на мојот колега Еди Рама“, рече премиерот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми