Француската ЕДФ и јапонска компанија се обратиле во Министерството за енергетика да пројават интерес за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, обелодени министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа рече дека останува на ставот дека најдобро би било, со оглед на важноста на овие хидроцентрали, да ги изгради од државата, но дека проблем е буџетот.
„Секако дека е најдобро да биде државен проект. Буџетот, знаете, не е во најдобра состојба. Едно е желба, но сепак мора да ги гледаме нашите финансиски можности. Кога ќе се разгледа буџетот, се гледа што останува за капитални инвестиции. Сепак, ова е проект од најмалку една милијарда евра“, рече Божиновска.
Таа посочи дека и реализацијата на овој проект би траела од седум до десет години, а на новинарско прашање дали ова значи дека државата не може за него да издвојува по 100 милиони евра годишно, во услови кога постојано останува голем нереализиран износ за капитални инвестиции, таа рече дека и таа го зборувала тоа во Владата, но дека ова не е единствен проект и други има важни, какви што се од областа на образованието, здравството…
Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште има стратешко значење за Македонија. Не само од аспект на обезбедување поголема енергетска независност со нови над 500 мегавати инсталирана моќност, туку и за обезбедување дополнителни две акумулации, кои ќе бидат резервоари за наводнување, но и за вода за пиење.