Денешниот ден, кој што е трет ден од Велигденските пости, кои започнаа оваа недела, кај народот e познат уште и како Тримир. Според црковната традиција оние кои држат Тримир не конзумираат ниту храна, ниту вода 3 дена и денеска откако ќе се причестат во црква за прв пат вкусуваат нешто. Oвој ден најмногу се одбележува во Прилеп и Струмица. Интересно е тоа што на Тримир се канат претежно само жени, а не мажи, затоа кај народот е познат уште и како женски празник или женски ден. Односно според некоја традиција мајката од младата невеста прво на гости си ја поканува свекрвата, а свекрвата пак си ги поканува нејзините блиски, золви, јатрви, за да ги донеси на гости кај мајката од невестата и да се запознаат пододобро фамилиите.
„Невестите млади кога ќе бидат свршени тогаш се поставува посна трпеза и кај нив оди свекрвата со своите роднини на гости, носат благи работи, боза, слатки, но и поклони. Но ако е мажена невестата првата година таа оди кај свекрвата, а од свекрвата роднините одат кај неа и тогаш не се носат поклони. Три години треба едно по друго невестата да слави тримир, затоа е три“, истакна Марија Ѓорѓиоска, член на здружение Преродба.
За посната трпеза специфичен специјалитет кој што се служи за овој ден е пченица со конопни зрна. Зрната конопни претходно се толчат, а потоа се цедат и од нив се добива бела телност како млеко која се меша со сварената пченица. Исто така карактеристично за овој ден е тоа што се служи боза.
„Тие што држеле тримир 3 дена, ништо не јаделе, се омалаксани, немаат сила, немаат способност и затоа се прави пченицата со конопни зрна, а конопните зрна знаеме што се, им даваат сила. Прво одат в црква и се причестуваат, пијат крстена вода и кога ќе појдат дома од конопните зрна и веднаш им доаѓа сила, снагата се враќа, добиваат енергија и затоа редовно конопни зрна се прават на тримир. Јас еве 50 години сум домаќинка и како дете кај мајка ми ниту една година не сум останала да не направам пченица со конопни зрна. Ќе си спремам совреме конопни зрна, на времето садевме в село кај татко ми и имабме дибек, издлабен камен и во него толчевме. Сега е помодерно, си купуваме готова, лупена, само ја вариме, конопните зрна в блендер и многу е полесно. А бозата и таа исто како посен пијалок, немало некогаш газирани сокови, боза имало и затоа кога ќе се соберат гости да има и тие шо не пијат вино, ракија, да има и тие нешто да се напијат“, кажа Ленче Спиркоска, членка на здружение „Преродба“.
Од здружението Преродба кои прославуваат 20 години постоење велат дека за жал поради иселувањето имаат се помалку млади членови, но тие се трудат да го придобијат сите што можат за да се пренеси нашата традиција на сите поколенија.
„Во почетокот имавме посебна група на млади, но со текот на годините, како тоа да замира. Дали е иселувањето дел на ова наше стагнирање, немајќи доволно млади во здружението, а и општо во целокупното живеење, но оние кои ги имаме тука, кои можеби на некој начин успеале да се снајдат, сме успеале да ги задржиме, сакаме да пренесиме и тие понатаму да го имаат ова наше големо традиционално богатство“, додаде Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение Преродба.
Како и за секој празничен ден така и за овој, македонскиот народ не прошушта прилика за дружба, вкусна трпеза и македонска песна.