ВИДЕО- ООУ Кочо Рацин Прилеп го организираше Велигденскиот панаѓур, се продаваа стотици уникатни изработки од учениците

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми


Традиционално трета година по ред ООУ Кочо Рацин од Прилеп го организираше Велигденскиот панаѓур на пешачката зона пред училиштето. Разни јајциња, корпиња, зајачиња, цветови и уште голем број други ракотворби изработени од вредните рачиња на учениците од 1 до 9 одделение, а поврзани со празникот Велигден, беа изложени на тезгите.

Панаѓурот го организираме на овој простор, тој е продажен панаѓур и сите средства кои ќе бидат собрани од купувањето на детските изработки ќе бидат од деца за деца, затоа што тие ќе се користат за еднодневна воннаставна активност за учениците. Ќе ги собира родител и ќе се употребат пак за децата“, истакна Јулијана Тренкоска, директорка на ООУ Кочо Рацин Прилеп.

Учениците со радост раскажуваа кој што сработил и имаше буквално борба кој повеќе да продаде од своите прекрасни изработки. Панаѓурот беше посетен од голем број граѓани кои си купија несекојдневни декорации кои ќе ги красат нивните домови за време на Велигденските празници.

Ние го направивме од сите овие ученици со помош на нашата наставничка и родителите и бабите, го направивме ова големо јајце и овие зајачиња. Јајцето е големо бидејќи Велигден е голем празник и затоа го направивме ова големо јајце“, вели едно од дечињата.

 

И ние изработивме зајчиња, внатре со шеќерчиња и едно големо јајце. Ги изработивме со сите деца и наставничката Анета“, додаде друг ученик.

 

Ние изработивме зајачиња и едно големо јајце, во нив има шеќерчиња, а продаваме и од други деца“, кажа неговото другарче.

Наставниците велат дека вакви штандови се организираат за скоро сите поголеми празници и децата со нетрпение чекаат тие да дојдат.

Нашето училиште не е само образовна институција, туку ние сме и воспитно образовна институција. Воспитната компонента е компонента на која особено посветуваме внимание и на овој начин сакаме да ги направиме нашите ученици општествено одговорни, односно сето она што во текот на изминатиот период го чувствуваат во своите домови, сета таа атмосфера да ја пренесат и во училиште и заедно во соработка со родителите организиравме работилници“, изјави Габриела Темелкоска, наставничка во ООУ Кочо Рацин Прилеп.

Од ООУ Кочо Рацин велат дека планираат овој настан секоја година да биде се поголем и поголем и со нови содржини и да остане како една убава традиција која се организира за најголемиот христијански празник Велигден.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми