Прилепската болница доби уште еден нов апарат во очното одделение кој што ќе служи за оптичка кохерентна томографија. Болницата од нејзиното постоење за прв пат добива ваков вид на апарат. А за искористување на неговите бенефити граѓаните досега мораа да патуваат во другите градови или прегледите да ги плаќаат на приватните клиники.
„Ние се решивме да набавиме таков апарат, апаратот е купен со сопствени средства, помалку од 5 милиони денари. Тој е доста софистициран и е меѓу најдобрите во Македонија, така да правиме се за пациентите да не патуваат во други градови“, изјави Кире Јоноски, директор на Општа болница Прилеп.
„Ќе се овозможи прецизна дијагностика на заболувањата на задниот дел од окото, односно на филмот за гледање. Во поглед на дијагностика зад сенилни дегенерации на макулата, во поглед на дијабетес, мелитус и филмот за гледање, и прецизна рана дијагностика на промени од покачен притисок, односно кај глаукомот“, додаде Дејан Ристески, началник на очно одделение Прилеп.
На лекарите овој апарат ќе им помогне во секојдневната пракса на дијагностика и рано откривање на болестите кои се најчест причинител за појавување на слепило.
„Се работи за апарат кој е навистина современ, алатка која во секојдневната клиничка пракса на офталмолозите е навистина неопходна. Претставува една неинвазивна, брза метода со една прецизна дијагностика на структурите на задниот сегмент на окото, значи точката за јасен вид, како што напомена колегата се работи за болести кои се најчести причинители кои можат да доведат до слепило“, потенцираше Доцент д-р Наташа Трпевска Шекеринов, директорка на Клиника за очни болести Скопје
Инаку во моментов Општата болница Прилеп има 4 очни лекари, а во следните 3 години треба да се вратат и уште 4 лекари специјализанти. Но проблемот бил во немање на доволно средно медицински персонал кој што треба да се зголеми во периодот кој следува.