Нова посета – стари лаги! Тоа е, почитувани граѓани, резимето од денешниот престој во Прилеп на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, кој дојде во Прилеп за да пушти во употреба дрвени клупи, се вели во реакција на ОО на СДСМ – Прилеп на денешната посета на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на Прилеп.
„Секоја негова посета на Прилеп, секоја дадена изјава за состојбата на патната инфраструктура на територијата на општина Прилеп, е потценување на интелигенцијата не само на прилепчани, туку и на жителите на Пелагонискиот регион.
Ноторна лага е дека работите на автопатот Прилеп-Битола течат со засилено темпо. Напротив: изградбата на автопатот е речиси запрена, голем број македонски работници се отпуштени од страна на изведувачот на работите, а градежната механизација е повлечена и однесена на непозната локација.
Условите во кои се одвива сообраќајот на релација Прилеп-Битола е под секое елементарно безбедносно ниво. Граѓаните ги искршија своите автомобили возејќи по стариот и сега веќе уништен пат кој, очигледно, ниту Јавното претпријатие за државни патишта а уште помалку пак „Бехтел и Енка“, имаат намера да го рехабилитираат.
Во катастрофална состојба се наоѓа и дел од коловозот на превојот Плетвар, кој речиси две години претставува опасност по безбедноста на сите учесници во сообраќајот кои патуваат кон Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и населените места од овој регион.
И сето ова по заслуга н а „одговорната“ Влада и уште поодговорниот министер за транспорт и врски!
Треба ли да ги споменеме „достигнувањата“ на сопартијците на министерот Николоски – неспособната локална власт предводена од градоначалникот Дејан Проданоски, по чија заслуга улиците во Прилеп личат на швајцарско сирење?
За заокружување на комплетниот впечаток се погрижи Советот на Општина Прилеп, кој по заслуга на претседателката Билјана Кржеска и владејачкото мнозинство на ДПМНЕ, е претворен во гласачка машинерија за аминување на криминалот во јавните претпријатија.
Претседателката на општинскиот Совет е таа која ги игнорира собраните потписи на опозициските советници и спротивно на член 25 од Статутот на Општина Прилеп, одбива да свика вонредна седница на која Советот би дал негативно мислење за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
И конечно, кога сме кај рудниците и концесиите за експлоатација на минерални суровини, кои патем речено, на територијата на општина Прилеп ги има дури 32 на број: зошто Александар Николоски денеска не ги посети оние „малкумина прилепски буџовани“ од село Ореовец, кои „штитејќи ги своите хациенди со базени“ го оштетиле државниот буџет за 100 милиони евра?
Да чувствуваше малку одговорност и да имаше ронка срам заради лагите и манипулирањето на прилепчани, Александар Николоски никогаш не би дошол во Прилеп“, велат во реакцијата од ОО на СДСМ, Прилеп.