Утрово, околу 05:00 часот, при редовна контрола на терен, патрола на Шумската полиција од Прилеп во атарот на с. Костинци затекнала товарно моторно возило „Застава“, натоварено со околу 6 м³ дабови огревни дрва, нежигосани и без соодветна документација, кое се движело на релација од с. Црнилиште кон с. Ропотово.
„При обид возилото да биде запрено и контролирано, возачот не застанал на даден знак од службените лица, туку ја зголемил брзината и започнала вистинска филмска бркотница која траела околу 30 минути.Возилото најпрво се движело кон с. Секирци, каде направило круг низ селото, а потоа повторно се упатило кон с. Црнилиште. Во текот на потерата, на неколку наврати возачот намерно се удирал во службеното возило на Шумската полиција, при што имало и неколку безуспешни обиди за попречување на патот од страна на други лица со трактори, кои се обидувале да влезат помеѓу двете возила и да го спречат службеното постапување. На крајот, возачот на натовареното возило директно и намерно удрил во службеното возило на Шумската полиција, по што побегнал во непознат правец“, велат од шумската полиција.


Според првичните сознанија, станува збор за добро познати сторители на ваков вид кривични дела, а против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно закон.
„Шумската полиција од Прилеп продолжува со уште позасилени контроли на терен, особено во ноќните и раните утрински часови, со цел сузбивање на бесправната сеча и нелегалниот транспорт на огревно дрво. Апел до граѓаните: Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат нелегален транспорт, бесправна сеча и сомнителни активности поврзани со шумите. Само заедно можеме ефикасно да ги спречиме незаконските дејствија и да го заштитиме шумското богатство“, додаваат од Шумската полиција во Прилеп.
