Поетот за деца и за возрасни Филип Димкоски, викендов ќе настапи на Државната смотра на читањето со меѓународно учество „Читателчиња“ („Читалиќи“) во Алексинац, соседна Србија.
Во рамки на манифестацијата Димкоски како единствен автор од Македонија, ќе земе учество во средбите со деца, заедно со еминетни книжевни имиња од државата домаќин и од регионот како што се Јасминка Петровиќ, Дејан Алексиќ, Виолета Јовиќ, Власта Н. Цениќ, Гордана Тимотијевиќ, Шимо Ешиќ и др.
Поетот Филип Димкоски, не е ново име на книжевната сцена во Србија. Две негови книги се објавени на српски јазик меѓу кои и книгата за деца „Заедно да растеме“ наградена со плакетата „Сима Цуциќ“ од Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Тој е застапен во повеќе зборници и антологии во Србија, учествувал на повеќе телевизиски емисии, а свои книжевни промоции имал на Меѓународниот саем на книгата во Белград, како и на Книжевниот салон во Нови Сад. Гостувал, во Ниш, Врбас, Суботица, Дољевац, Златибор и одржал голем број работилници со деца. Се залага за промоција на македонскиот јазик во Србија, но и на српскиот јазик во Македонија, одржувајќи средби и работилници со деца кои ги изучуваат овие јазици без разлика дали станува збор за мајчин или немајчин јазик. На „Читателчиња“, тој настапува вторпат.
„Оваа смотра опстојува токму заради децата и заради желбата да се негува, но и да се шири љубовта кон читањето. Во годината кога се навршуваат десет години од мојата интензивна книжевна соработка со Србија, чест ми е што повторно настапувам на оваа манифестација и се радувам што повторно ќе се сретнам со многу деца, но и со драги колеги. Како две држави кои историски се поврзани, неопходно е да се негуваат добрите културни врски меѓу Македонија и Србија“, рече Димкоски.
Богатата програма опфаќа тестирања за учениците во врска со прочитаните книги, претставување на креативни штандови и работилници за деца со писатели и глумци.
Во рамки на програмата ќе биде релзиран и симпозиум на тема „Од читање до алгоритми-меѓу дигиталното огледало и културниот корен“ на кој од Македонија учество како предавачи ќе земат Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, виш библиотекар при Универзитетската библиотека „ Св. Климент Охридски“, Љупка Стојменова, училиштен библиотекар од ОУ „Никола Карев“ од Кочани, и Коце Стојменов, библиотекар од локалната библиотека „Искра“ од Кочани.