Ramnište Cave MTB 2025 – трето издание на планинската велосипедска тура во Прилеп

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Викендот на 7 и 8 јуни 2025 година ќе се одржи третото издание на планинската велосипедска тура Ramnište Cave MTB, во организација на Здружението на велосипедисти „МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ“ од Прилеп, а која се одржува во околината на Прилеп и претставува одлична можност да се запознаете со убавините на прилепскиот регион.

„Станува збор за дводневен настан. На 7 јуни е пристигнувањето на учесниците кои сакаат да кампуваат во кампинг зоната кај манастирот Св. Димитрија во с. Ореовец, прилепско. Предвидена е дружба и забава за велосипедистите покрај логорски оган, а неизбежна е и добро познатата прилепска скара и ладно пиво.

Во недела, 8 јуни, ќе се одржи годинешното издание на Ramnište Cave MTB 2025. Од 08:00 до 09:30 часот предвидено е пристигнување и пријавување на учесниците, како и подигање на стартните пакети. Нормално, обезбеден е бесплатен доручек за сите учесници.

Во 10:00 часот, по краткиот брифинг, стартува турата.  Ќе се посетат Плетварско Езеро, Прилепско Езеро и неговата околина, реонот Пештерица, манастирот Св. Ѓорѓија, селото Крстец, пештерата Рамниште која ќе биде целосно осветлена што ќе овозможи да ѕирнете во “подземниот свет“ и завршува повторно во селото Ореовец. Станува збор за средно тешка тура со тежина 7/10, која што е комплетно оф-роад, долга 35 километри со 900 метри елевација, на која учесниците ќе имаат можност да искусат повеќе типови на патеки, од широки патишта па се до single track, uphill и downhill, доста брзи но и доста спори сегменти и се измеѓу што го прави возењето да биде комплетно уживање. И не би биле Маркови Точакџии доколку не ја видоизмениме патеката. Како и на претходното издание, така и оваа година очекувајте нови сегменти!

Ќе има ТРИ освежителни пункта каде учесниците ќе можат да ја надополнат изгубената енергија со овошје, енергетски барчиња, магнезиум и вода! Плус, во селото Крстец ќе имате можност да се напиете од најубавата природна изворска вода!

По завршувањето на турата следува ручек со превкусна прилепска скара и ладно пиво, како и пригодна лотарија.

Котизацијата за овогодинешното учество изнесува 450 денари, за кои добивате вечера доколку кампувате, забава покрај логорски оган, доручек пред турата, стартен пакет во кој се вклучени маичка и бандана со логото на турата, освежувања на пунктовите за време на турата,  прилепска скара и пиво или сок по избор на учесникот, учество на лотаријата, но пред се прекрасна дружба и забава во текот на целиот викенд.

Со оглед на фактот дека патеката е 100% off-road потребно е технички исправен велосипед, а заштитна кацига е задолжителна. Во текот на турата ќе биде обезбедена техничка помош за санирање на мали дефекти, доколку е потребно. Екипите на Брза Помош и ТППЕ Прилеп ќе бидат присутни и на готовс во случај на било каков немил настан.

Напомена: Сите учесници на турата учествуваат на сопствена одговорност, а за малолетни лица потребен е потпис од родител или старател.

Спортски поздрав и се гледаме на Ramnište Cave MTB 2025!“, велат од МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ.

Повеќе за настанот може да дознаете на следниот ЛИНК!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми