Над 10.000 овци досега угинаа во Македонија од болеста овчи сипаници. Поради оваа ситуација одгледувачите на овци од југозападниот дел на Македонија денеска остварија средби во Прилеп со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и платежната агенција. Бидејќи болеста засега ја има најмногу во источниот дел на државата сточарите побараа да не се вакцинираат овците во југозападниот дел каде досега нема ниту еден случај на болеста. Се плашеле вакцинацијата да не има влијание врз извозот на јагнето и месото. Бараат да има само забрана за движење на овците од источна во западна Македонија.
„Во изолација да бидат стадата, да нема камиони да товараат од болните стада и да идат овде кај нас, ќе ни ја донесат болеста. Сакаме АХВ, МВР да преземат нешто да нема претерување на овци, на јагниња, на стада. Ветеринарите сега земаат крв, па и тие можат да донесат“, вели Марјанчо Стојаноски, претседател на здружение „Пелагониски сточар“.
„Не треба да се движи стока од едно во друго стадо никако, опрема која се работела во една фарма треба добро да се дезинфицира и среда за да се употреби во друга фарма. Сите соседни држави, колку што има информации, целосно ја немаат примено вакцината.
Има причина за тоа?
Најверојатно, по наше знаење е за да не настане проблем околу конзумирањето на производите од овците“, рече Боби Бошевски, претседател на здружение „Современ сточар“.
Сточарите побараа од државата исто така и навремено и реално обештетување на сите сточари на кои им угинаа овците бидејќи тоа им е единствената егзистенција.
„Поголем акцент да обрни внимание околу исплатата на овците, да биде навремена и да биде реална околу угинатите овци, затоа што тие семејства се занимаваат исклучиво со овчарство, сега остануваат без егзистенција“, кажа Боби Бошевски, претседател на здружение „Современ сточар“.
Вакцинација или изолација на стадата и регионите, која мерка ќе ја донесе државата останува да се види во периодот кој следува.