Градската библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија објави седмо издание на збирката поезија „Метрички карван“. Поетскиот избор годинава вклучува автори од Гевгелија и Прилеп, а е составен од Стефан Марковски и Дамјан Ѓуров.
Застапени се песни од гевгелиските поети: Стефан Марковски, Васил Тоциновски, Стефчо Стефанов, Катерина Гогова, Димитар Арнаудов, Јосип Коцев, Лилјана Пецова-Илиеска, Жаклина Атанасова, Јадранка Клисарова, Олгица Ќурчиева, Петар Јанчев и Пепи Стамков и од прилепските: Василе Димески, Петар Петрески, Славчо Ковилоски, Сузана Ѓорѓиевска, Кирил Михаиловски, Игор Трпчески, Габриела Стојаноска-Станоеска, Тони Павлески, Жаклина Свеќаровска, Кирил Бисероски и Александар Војнески.
Во изборот доминираат автори од помладата генерација творци кои, како што посочуваат составувачите, „со себе носат современ поетски сензибилитет кој ги воспева егзистенцијалните норми и димензии како мисла и смисла на светот и векот – минливоста, бесмислата, апсурдот и парадоксот“.
„Во просторот се откриваат нивните бои, мириси и вкусови. Така, во гевгелиските воспеви зад секој збор се калинката, смоквата, грозјето, крапот, молкот на езерската вода, а легендите и преданијата како далечно прилепско ехо ги отсликуваат каменот, карпите, тутунот“, соопштија составувачите на поетската книга.
